Сите компании со над 20 вработени ќе бидат обврзани да вработат одреден број луѓе со инвалидитет, во спротивно ќе бидат задолжени да плаќаат месечна компензација во износ од 30 отсто од износот на месечната минималната плата (или 153 лева). Парите ќе се собираат во фонд за вработување на лицата со попреченост, кој ќе се управува од неколку државни институции, но во него нема да има ниту претставници на работодавците ниту од здруженијата на лицата со инвалидност. Ова е една од идеите содржани во проектот за нов Закон за лицата со посебни потреби, кој беше презентиран пред Бугарската стопанска комора (БИА). Проектот сѐ уште е во процес на доработка од страна на Министерството за социјални работи и не е јасно дали овој предлог ќе се најде во завршната верзија на законот.
Доколку биде прифатен, практично ќе се воведе квазиданок за работодавците, предупредува БИА, објави „Капитал“. Со предложените законски решенија се предвидува секој работодавец што има од 20 до 49 вработени, да вработи едно лице со трајно оштетување, а ако вработените се од 50 до 99 – двајца. Ако компаниите имаат 100 или повеќе од 100 вработени – четири проценти од нивниот просечен персонал треба да бидат лица со посебни потреби. Ако некое друштво не може да ја исполни оваа квота, ќе биде задолжително да плаќа месечна компензациска такса.
Целта за формирањето на финансискиот фонд е да поддржи „имплементација на приоритетните програми и проекти, инвестициски трошоци и активности во процесите на професионална и трудова рехабилитација и други придружни мерки за помагање на вработувањето на лицата со инвалидност“.
Според експертите на БИА, одредувањето квоти за вработување инвалидни лица е несоодветно на националните услови и нивото на економски развој и овој проект тешко ќе се применува во некои сектори на економијата, во кои владеат посебни услови за работа.
– Практиката покажува дека прекумерната заштита и рестриктивна регулатива, која се однесува на работните односи на лица со намалена работоспособност, во суштина влијае превентивно за работодавците да ги вработуваат, како и за прикривање на оваа информација од самите лица со оштетување при апликација на работа – наведуваат од здружението на работодавци.
Мерките што ќе се применат се насилни, бирократски и финансиски тешки. Практиката покажува дека попрактичен модел е поттикнувањето вработување лица со инвалидитет, сметаат економистите.