Дваесет години по завршувањето на војната во Косово се отворија некои предмети пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, кои досега беа ставани во судските фиоки под притисок на политичките партии, но и поради замижувањето на меѓународните судски институции и од западните држави. Во Македонија незавршени останаа четирите клучни случаи: „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“, за кои постои правна можност тие повторно да бидат процесирани
Првото обвинение за воените злосторства во Косово, во периодот на деведесеттите години, е поднесено во Судот во Хаг. Обвинението е подигнато против поранешниот шеф на разузнавачката служба на Косово и еден од основачите на ОВК Салих Мустафа, кој е осомничен за сторени кривични дела лишување од слобода, сурово постапување и мачење над најмалку шест лица во периодот од април 1999 до 19 април 1999 година, во објекти во местото Злаш во Косово, кој служел како затвор. Тој е обвинет и за едно убиство. По наредба на Судот во Хаг, Мустафа беше уапсен во Косово на 24 септември. Во петокот, по наредба на Специјализираното обвинителство, беа уапсени двајца водачи на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај.
За нив се издадени потерници за кривични дела против спроведување на правдата, заплашување сведоци, одмазда и повреда на тајноста на постапката. Според Кривичниот законик на Косово, за кривичното дело заплашување сведоци, Гуцати и Харадинај можат да бидат осудени на затворска казна од две до десет години, за одмазда може да се казни со затвор до три години и за повредата на тајноста до една година. Како осомничен ќе биде сослушан и поранешниот командант на Генералштабот на ОВК, Агим Чеку.
Во јуни годинава, како новинарска бомба беше објавена информацијата дека специјалниот обвинител Џек Смит поднел предлог-обвинение до Судот во Хаг против косовскиот претседател Хашим Тачи и неговиот близок соработник Кадри Весели. Тие се товарат за дела за кои се предвидени високи затворски казни, а се однесуваат за воени злосторства на стотици лица, чиј идентитет е познат и меѓу нив се косовски Албанци, Срби и Роми, како и политички противници. Од Македонија, засега пред истражните органи на Специјалниот суд, исказ даде само Али Ахмети, претседателот на ДУИ и поранешен водач на паравоените формации на ОНА.
По завршувањето на војната во Косово, многу истраги за сторени воени злосторства, зад кои се споменуваа припадници и водачи на ОВК, беа ставани во судските фиоки под притисок на политичките партии, но и поради замижувањето на меѓународните судски институции и од западните држави, кои беа главни поддржувачи на високите политички структури во Приштина. Поднесувањето обвинение против поранешните припадници на паравоените албански формации, деновиве беше повод за „протекување“ на доверливите судски документи во кои се содржани и сведоштва на жртвите и на сведоците на воените злосторства, за кои се сомничат и сегашни високи државни функционери на Косово. Здружението на воени ветерани на ОВК во Приштина, последните недели трипати објави дека „анонимно лице им доставило илјадници досиеја во кои се наоѓаат имињата и адресите на сведоците“.
– Ова е чисто застрашување и напад на судот, напад на процесот, на фер судењето. Ако сте во опкружување каде што група или поединци нудат информации за имиња и адреси на сведоци, тогаш целиот процес е загрозен. Не може да функционира – изјави Марк Елис, извршен директор на Меѓународната адвокатска комора со седиште во Лондон, во изјава за Радио Слободна Европа.
Темата за одговорноста за сторените кривични дела за периодот на воениот конфликт во Македонија во 2001 беше „решена“ со политички и меѓупартиски договор. Под закрилата на етничко помирување беше донесена амнестија за сите учесници во паравоени формации од поранешната ОНА, а предметите што се однесуваа на воени злосторства, според меѓународното право, никогаш не застаруваат и не можат да бидат предмет на „општо простување“. Како што е познато, во Македонија сѐ уште останаа неразјаснети и не се затворени случаите за злосторство од страна на борците на ОВК и на ОНА. Четирите клучни случаи: „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.
– Одлуката на Специјалниот суд од Хаг ги врати на домицилното судство и тие не беа затворени, што остави простор за постапување по нив. Но познато е дека Собранието на Македонија, односно тогашното парламентарно мнозинство донесе амнестија, а претходно имаше и друга слична таква. Значи, предметите повторно можат да се вратат во судска постапка, по основа на сторени воени злосторства, особено за случаите што се насочени дирекно кон цивили, како што е со предметите за „Липковската брана“ и „Мавровските работници“. Теоретски постои законска можност за повторно враќање на Хашките случаи. Тоа може да го стори само Собранието на Македонија, тоа е органот што ја донесе одлуката за запирање на судските постапки. Меѓународниот суд донесе коректна одлука, за во некој поволен историски момент да се процесираат овие случаи за кои има индиции за сторени воени злосторства. Кај нас беше узурпирано правото од политиката. Тоа беше и голем срам за нашето правосудство и за политичката елита, кои носеа такви одлуки – ни изјави Тони Науновски, политички аналитичар.