Пандемијата на коронавирусот на површина го исфрли проблемот со неразумната енергетска политика во Босна и Херцеговина. Во актуелниот трет бран од епидемијата најмногу смртни случаи поврзани со ковид-19 има во кантонот Сараево, кој се соочува со висока загаденост на воздухот во зимскиот период
Со повеќе од 6.500 починати, Босна и Херцеговина е меѓу десетте земји во светот според бројот на смртност од последици од коронавирусот на милион жители. Пред БиХ се наоѓа Црна Гора, која има најголема смртност во земјите од регионот. Инфектолозите во БиХ сметаат дека за големата смртност во периодот на епидемијата има повеќе фактори, меѓу кои се невоедначениот здравствен систем, лошата општа здравствена состојба на населението, но и неодговорноста на власта затоа што сѐ уште не е почната имунизацијата. Најлоша е состојбата во кантонот Сараево, каде што во просек битката со коронавирусот дневно ја губат околу 20 лица. Тоа што загрижува, како што наведуваат епидемиолозите во БиХ, е што нема соодветна анализа за причините за високата смртност, односно нема прецизни податоци дали некое лице починало како последица од ковид-19!?
Пандемијата на коронавирусот на површина го исфрли проблемот со неразумната енергетска политика во Босна и Херцеговина. Во актуелниот трет бран од епидемијата најмногу смртни случаи поврзани со ковид-19 има во кантонот Сараево и во Зеничко-добојскиот кантон. Од втори март до 19 март 2021 година во кантонот Сараево се регистрирани 183 смртни случаи поврзани со ковид-19, а во Унско-санскиот кантон девет, во Херцеговачко-неретванскиот 25, во Западнохерцеговачкиот 11 случаи. Ваквата црна статистика, како што пишува „Ослобоѓење“, се поврзува со загадениот воздух од термоцентралите.
Во научната студија „Регионално и глобално влијание на загадување врз ризикот од смрт од ковид-19“, објавен во декември 2020 година, во „Кардиоваскулар рисрч“, се наведува дека долготрајната изложеност на загаден воздух се поврзува со зголемениот ризик од смртност од ковид-19. Во студијата се проценува дека 15 отсто од смртните случаи од коронавирусот во светот, а во Европа до 19 отсто, би можело да се припишат на загадениот воздух. Кога луѓето вдишуваат загаден воздух, малите честички (ПМ 2,5) мигрираат од белите дробови во крвта и крвните садови предизвикувајќи воспаление и сериозен оксидативен стрес. Загадениот воздух ги оштетува белите дробови и ја зголемува активноста на рецепторот АЦЕ-2, што доведува до засилен влез на вирусот во белите дробови. Ако се споредат бројките за смртноста во БиХ од ковид-19, ќе се види дека најмногу смртни случаи се поврзани со регионот каде што воздухот е најзагаден. Тоа е една од причините за зголемената смртност, што ја наметнува потребата за побрза транзиција на БиХ кон чиста енергија, иако електричната енергија е најважен извозен производ од земјата, пишува „Ослобоѓење“.
Трендот на чиста енергија што е присутен во светот, во БиХ требаше да почне најмалку дваесет години порано. Во средината на март беше објавена веста дека Секретаријатот на Енергетската заедница поведе постапка против Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово поради пречекорување на максималната емисија на опасни гасови, кои се дефинирани во Националните планови за намалување на емисијата (НЕРП). Тоа е десетгодишен план во кој се определуваат максималните вредности на годишна емисија на ниво на држава, а кои БиХ прифати и ги применува од 2018 година.
Според извештаите за 2018 и 2019 година, посочените земји ги надминаа вредностите за емисии прифатени во НЕРП. Во Србија има пречекорување за сулфур диоксидот, во Македонија се надминати вредностите за сулфур диоксид и прав, а во БиХ се надминати вредностите за сулфур диоксид, азот оксид и прав. Поради тоа Секретаријатот на Енергетската заедница поведе прелиминарни процеси за решавање на овие случаи, се наведува во соопштението на ова меѓународно тело.
Сараево во зимскиот период секогаш е на врвот на листата на најзагадени главни градови во светот, а најчесто е на самиот врв. Во БиХ има градови, како Илијаш, Какања и Тузла, во кои загадувањето на воздухот е поголемо од Сараево. Четири реномирани европски организации кон крајот на 2019 година, во Брисел ја претставија анализата, чии резултати беа алармантни. Според оваа анализа, само термоцентралата „Угљевик“ во текот на 2016 година во воздухот емитираше енормни количества сулфур диоксид, дури 110.524 тони, додека сите термоцентрали во Германија емитирале 110.255 тони сулфур диоксид. Состојбата не е подобра ни со термоцентралата „Костолац Б“ од Србија (128 илјади дони), „Никола Тела А“ во Србија (109 илјади тони), „Какањ“ во БиХ (975 илјади тони), „Костолац А“ во Србија (974,9 илјади тони), „Никола Тесла Б“ Србија (57 илјади тони).