Политичкото милје на меѓудржавни релации во светот бележи нов тренд. Трговскиот судир меѓу Западот и Истокот со уцени, блокади и санкции, кој е актуелен периодов, кога државите живеат со опасностите од пандемијата, според експертите, може да предизвика нова економска криза од глобални размери

Политички и економски санкции, ембарго на меѓународни блокови кон одредени држави, заплена на личен имот, но и забрани за патувања, се актуелниот тренд на политики што се практикуваат во светската надворешна политика во моменти кога најголем глобален предизвик е справувањето со пандемијата. Имено, во период од само неколку месеци, повеќе држави низ светот почнаа да ја користат економијата како оружје. Заострувањето на идејата за економско уценување деновиве е најактуелна токму меѓу САД и Русија, со новите блокади што Вашингтон ги наметна врз Москва поради изборното мешање, но и сајбер-нападите на руските хакери врз американските институции. Ова меѓу другото го наведува угледниот магазин „Економист“, кој во својата анализа на оваа тема пишува дека санкциите станаа главна алатка во светската надворешна политика, која периодов најмногу се воочува токму во заострувањето на односите меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг. Според магазинот, некогашната ретка употреба на ембаргата, сега прерасна во честа алатка за принудувања, кои опфаќаат цели држави, економии, фирми или поединци.
– Порано цел на западните санкции беа ситните економии, како Куба и Северна Кореја, но од скоро се ловат и големите играчи, како Кина и Русија, а со тоа се зголемуваат и шансите за колатерална штета. Во исто време, големите играчи исто така сметаат дека имаат право да возвратат со иста мера, што е опасно за глобалната економија. Така, Кина неодамна одговори на американски и европски санкции кон неа со противмерки, ставајќи ги повеќето европски политичари, дипломати и експерти на црна листа за соработка со Пекинг. Колку почесто крупните риби се во позиција да возвратат на санкциите, толку повеќе слабее светската економија, моќта на Америка, а со тоа и самата цел на санкциите – пишува „Економист“.

Истокот се мобилизира

Овој чекор, но и политиките на блокирање, економски уцени и блокади, според економските експерти, дополнително ќе ја разниша и така кревката светска економија, која во моментов е нарушена поради коронавирусот. Последните западни санкции кон источните држави беа и причината поради која на почетокот од месецов во Пекинг се одржа и состанокот на министрите за надворешни работи на Кина и на Русија. Министрите за надворешни работи на Кина и на Русија, Ванг Ји и Сергеј Лавров, се состанаа за да покажат единство против западните санкции и повикаа на одржување итен самит на постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН). Кинескиот и рускиот министер за надворешни работи ги отфрлија критиките на Западот, при што Лавров во таа пригода рече дека Русија и Кина гледаат дека САД се обидуваат да се потпрат на воените и политичките сојузници од ерата на Студената војна во обид да го уништат меѓународниот правен поредок. Рускиот шеф на дипломатијата додаде дека кога ЕУ и САД ќе решат дека треба да ја елиминираат аномалијата со санкции во односите со Русија, но и Кина, тогаш Москва и Пекинг ќе бидат подготвени да ги градат односите врз основа на еднаквоста.

Меч со две сечила

Во меѓувреме, Вашингтон ги прошири и рестрикциите кон руските експерти што беа воведени неодамна како казна за труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Американското министерство за трговија месецов соопшти дека новите мерки, кои стапуваат во сила наскоро, ќе спречат продавање на Русија на повеќе предмети, кои се контролирани заради националната безбедност. Таквите ставки ќе вклучуваат технологија, софтвер и делови. Во исто време, германскиот експерт Томас Штраубхар за германски „Дојче веле“ посочува дека трговскиот судир што во моментов се води меѓу Вашингтон и ЕУ, од една страна, против Пекинг и Москва, од друга страна, не е само за војна во трговијата, туку за нешто многу пофундаментално.
– Можете комплетно да заборавите на терминот „трговска војна“. Тука не станува збор за електронски уреди или зрна од ориз. Неодамнешните американските тарифи на увозот од Кина и одмаздничките кинески царини за земјоделските производи од САД се симболични акти, добри за привлекување медиумско внимание, а лоши за погоденото население. Но актуелниот трговски конфликт преку санкциите е само најистакнуваниот знак од многу поголемата битка во епохалната трка за моќ, доминација и превласт во 21 век. На повидок е судир на двата геополитички гиганти, судир меѓу „Америка на прво место“ и „Мејд ин Чајна“ – резимира германскиот експерт Штраубхар.


Подморницата „Нангала“ пловеше во близината на брегот на Бали кога побара дозвола да се вклучи во ракетна воена вежба, но потоа ѝ се загуби секаква трага. Спасувачите изминативе денови најдоа нафтена дамка и миризба на дизел-гориво на околу 96 километри северно од Бали, каде што се вклучила во воената вежба. Началникот на Генералштабот на морнарицата, адмиралот Јудо Маргоно, изјави за медиумите дека кислородот во морнарицата наскоро ќе се потроши, но и дека спасувачите пронашле неидентификуван објект со силен магнетизам во таа област што може да упатува на подморницата.
Морнарицата смета дека подморницата потонала на длабочина од 600 до 700 метри, а инаку таа максимално може да се спушти на 200 метри. Ан Гук-Хјеон, јужнокорејски претставник на бродоградителската компанија на „Даеву“, изјави за „Асошиејтед прес“ дека ако подморницата ја надмине оваа длабочина, тогаш со сигурност ќе потоне поради притисокот. Инаку, „Нангала“ е германски произведена подморница, која се користи од 1981 година. Таа е една од двете подморници тип-209 од класата „Какра“ во индонезиската морнарица. Според „Џејнс“, компанија за разузнавање од отворени извори, постојат три други вакви модели на тип-209 што биле неодамна произведени во Јужна Кореја и Индонезија.