Илјадници мигранти и бегалци кои останаа без покрив над главата по пожарот на грчкиот остров Лезбос, протестираа против изградбата на нов камп, а во еден момент полицијата употреби солзавец.
Скоро 13.000 луѓе живееја во преполниот камп Морија и очајно сакаат да го напуштат островот.
Жителите на Лезбос исто така се спротивставуваат на реконструкцијата на кампот и ги блокираа патиштата со цел да се запре испораката на помош, но грчката армија започна да поставува нов камп, пишува Би-Би-Си.
Цели семејства спиеја на полињата и улиците откако избегаа од пожарот во Морија, што се случи во средата. Кампот Морија требаше да прими само 3.000 мигранти, а во него се сместуваа луѓе од 70 земји, главно од Авганистан.
Во петокот, мигрантите се приближија до полициските барикади, носејќи знаци за слобода и се спротивставувајќи се на изградбата на кампот. Тие бараат да им биде дозволено да го напуштат Лезбос.
Еден од мигрантите носеше големо парче картон со натпис „Не сакаме храна, сакаме слобода“, а на другиот транспарент пишуваше „Морија убива“.
Освен мигрантите, се побунија и жителите на Лезбос, кои се спротивставуваат на плановите за обнова на кампот.
– Не сакаме друг камп и ќе се спротивставиме на какви било градежни работи. Со оваа состојба се соочуваме веќе пет години, време е и другите да го понесат тој товар – рече еден од членовите на локалната самоуправа, Вангелис Виолацис.
И додека армијата поставува нови шатори на Лезбос, грчката влада се обидува да ја зголеми безбедноста на островот, па полицијата со водени топови пристигна на местото на настанот.