Претставниците на САД и на ЕУ, Метју Палмер и Мирослав Лајчак, се во заедничка посета на Приштина, за да издејствуваат врз новата влада на Албин Курти да пристапи кон конструктивен дијалог со Белград
Специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, и заменикот на помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Метју Палмер, се во заедничка посета на Косово. Од Канцеларијата на ЕУ во Приштина соопштија дека Лајчак за време на дводневната посета ќе се сретне со државните претставници, а ќе има средби и со претставници на меѓународната заедница и со шефовите на мисиите на ЕУ во Косово. Претходно и американската амбасада во Косово ја најави посетата на Палмер и информира дека тој ќе се сретне со највисоките државни претставници, со кои ќе разговара „за билатералните односи меѓу двете држави“. Оваа двојна посета на високите американски и европски посредници во дијалогот меѓу Србија и Косово се толкува и како мек притисок на новата власт во Приштина, за почнување нова фаза на преговори со Белград.
Српските медиуми деновиве пишуваат дека официјален Вашингтон наскоро би можел да се врати во полн капацитет во дијалогот, и тоа преку назначување специјален претставник за преговорите. Повикувајќи се на дипломатски извори, „Новости“ објави дека има двајца кандидати за оваа функција. Првиот е Метју Палмер, а вториот кандидат е Моли Монгомери, која неодамна беше именувана за заменичка на државниот секретар за Европа и Евроазија. Палмер, кој 25 години е посветен на политиките на Балканот, со европскиот посредник Лајчак неодамна се сретна во Брисел. Американскиот претставник без тактизирање изјави дека „целта на сите американски администрации е дијалогот меѓу Косово и Србија да заврши со договор за заемно признавање“.
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, пред неколку дена, по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, ги изрази сопствените очекувања САД активно да се вклучат во процесот на дијалогот, а ангажирањето на Брисел, односно на Лајчак, го оцени како „ниско ниво на застапеност во агендата на билатералните разговори“.
Поранешниот дипломат Зоран Миливојевиќ смета дека повикот на Харадинај за поголемо ангажирање на САД е само најава за тоа што се подготвува во Вашингтон.
– Можноста САД да именува специјален пратеник е само потврда за тоа што досега е познато. Вашингтон е клучниот партнер на Приштина и има одлучувачко влијание врз тамошните лидери. ЕУ нема капацитет ни механизам да дејствува на Приштина, а со самото тоа и за наоѓање на компромисно решение. Вашингтон го препушти водењето на преговорите на оперативно ниво на Брисел, но го задржи правото да биде одлучувачки арбитер. Целата работа на крајот треба да се реши во триаголникот Вашингтон – Белград – Брисел – вели Миливојевиќ за „Новости“.
Посетата на американско-европскиот двоец на Приштина е вовед за продолжување на дијалогот на највисоко политичко ниво во Брисел, кој треба да се одржи на 14 или 15 јуни. Приштинската влада се обидуваше да издејствува ново одложување на дијалогот, под изговор дека ѝ е потребно време да се запознае со досегашниот тек на разговорите.
Амбасадорот на Србија во Америка, Марко Ѓуриќ, во интервју за „Политика“ изјави дека претходните недели Албин Курти искажал склоност „на инаетење и не покажал конструктивен пристап и кон сугестиите на високите претставници на американската администрација“. Ѓуриќ нагласува дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ги прифаќа сите обврски од Вашингтонскиот договор што беше склучен со Приштина во текот на мандатот на претседателот Доналд Трамп.
– На средбите со претставници на Стејт департментот и со Советот за национална безбедност слушнав охрабрувачки пораки во врска со Вашингтонскиот договор, а тоа значи сѐ што е потпишано треба да биде и спроведено. САД ќе ги поддржат напорите со Европската Унија како главни и одговорни за спроведување врз основа на мандатот од Советот за безбедност на ОН од 2011 година за водење на дијалогот – вели Ѓуриќ.
Ардиан Арифај, советникот на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, вчера изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина мора да биде продолжен безусловно и што порано е главната порака што претставниците на САД и ЕУ ќе ја испратат од Косово.
Арифај во изјава за „Танјуг“ посочи дека е можен и договор годинава. На прашањето колку е реално Лајчак и Палмер да го разубедат Албин Курти, кој има цврст став во однос на преговорите, Арифај одговори дека на Косово ќе му биде понудена визна либерализација за да се забрза дијалогот.