Методите за политички маркетинг во сите земји од Западен Балкан се слични, а разликите се само во тоа дали се презентира розовата или црната слика
Неисполнувањето на ветувањата на политичарите за подобрување на општата економска и политичка атмосфера во земјите од Западен Балкан предизвика голема разочараност кај граѓаните, кои сѐ повеќе се изолираат од „дневната“ политика. Апатичноста и разочараноста на населението се манифестираат со сѐ помала заинтересираност за гласање на изборите, што покажуваат и анкетите за истражување на јавното мислење. Соочени со помалиот број гласачи, но и со сѐ поголемата конкуренција од политички програми, партиите од власта и од опозицијата се обидуваат да „менаџираат“ со расположението на граѓаните преку користење на политичкиот маркетинг. Во периодот меѓу два последователни изборни циклуси, владејачките партии и опозицијата во балканските земји еднакво ги користат маркетиншките „алатки“ за подобро претставување на сопствената слика за состојбите во земјата.
Методите за политички маркетинг во сите земји од Западен Балкан се слични, а разликите се само во тоа дали се презентира розовата или црната слика. Во изминатиот период најистакнат пример за маркетиншки пристап во водењето на политиката е српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на најдобар начин ја искористи предноста со набавката на вакцини за своите граѓани. Се чини, во политичката маркетиншка пропаганда не заостануваат ни од македонската позиција и опозиција, која секојдневно „атакува“ на граѓаните за да ја придобие нивната доверба. Последниот случај со обелоденувањето на списокот на „хонорарците“ платени од државна каса, а кои требало да подготвуваат „добри вести“ за потезите на власта, ја покажуваат сериозноста со која му се посветува внимание на „политичкиот маркетинг“. Од стратегијата на пласирање добри или лоши вести не се откажуваат ни политичките субјекти во другите балкански држави.
– Со колегите што се занимаваат со маркетинг согласни сме во ставот дека Александар Вучиќ е производ на маркетингот. Од неговите јавни настапи, кампањата што ја води преку медиумите, особено со платеното огласување во изборен период, но и на многу псевдонастани за отворање тунели, патишта…, се гледа дека Вучиќ верува во моќта на маркетингот. Од стручен, маркетиншки аспект, мора да му се оддаде признание. Според мене, неговите настапи не се веродостојни, не се спонтани и тие се однапред испланирани. Тој му се обраќа на просечниот граѓанин, на својот гласач, како „човек од народот“, некој што сака да разговара со чашка ракија, кој е подготвен да слуша и да помогне, како човек што многу работи за другите. Генерално, сѐ што сака да каже го насочува прецизно кон луѓето на кои им се обраќа – вели Гаљина Огњанов, професорка на Економскиот факултет во Белград, експертка за маркетинг и односи со јавност, во разговор за „Данас“.
Високиот рејтинг на Вучиќ, според експертите од политичкиот маркетинг, се должи на два фактора. Прво, станува збор за спин, а тоа е дека процентите за поддршката се однесуваат на луѓето што ќе излезат на гласање, а тоа за Белград е околу 38 отсто од граѓаните (во Србија е 49 отсто). Вториот фактор се должи на маркетингот, односно во јавноста се креира атмосфера дека неговата подршка од гласачите е огромна, дури и недостижна. Меѓутоа, со политичкиот маркетинг се занимава и српската опозиција, која ја постигна целта со секојдневното споменување на аферите и критиките кон актуелната власт.
– Бојкотот за кој се залагаше опозицијата е успешен, затоа што на изборите излегоа помалку од половината гласачи, иако власта спроведуваше масовна кампања за гласање. Не е доволно само да се инсистира на аферите на власта. Се плашам дека влегуваме во фаза што почнува да јавува контраефекти, луѓето не сакаат да слушаат за тоа дека сѐ е црно. Со текот на времето почнуваат да ги избегнуваат таквите вести. А тоа го покажува и сѐ поголемиот број на апатични граѓани, кои не гледаат, не читаат, не слушаат вести преку масовните медиуми. Тие се селат на социјалните мрежи, бегајќи од реалноста и од политичарите – вели Гаљина Огњанов.
На поврзаноста меѓу сѐ поголемата апатија кај гласачите и сѐ поагресивниот политички маркетинг посочува и Ана Пап, експертка за економски маркетинг, во своето истражување за „Политичката апатија во Република Хрватска – насоки за политички маркетинг“. Политичката апатија е негативен поим, кој често асоцира на рамнодушност и незаинтересираност за политика. Апатичните избирачи имаат пасивен став кон политиката, односно политичка невклученост. Според Пап, политичката апатија ја загрозува демократизацијата и претставува проблем за развојот на државата. Изборната партиципација на граѓаните е најниска досега во најголем дел од Европа, а намалувачкиот тренд е особено забележан во земјите од Источна Европа.
– Еден од начините на кои може да се дејствува на намалувањето на политичката апатија е употребата на политичкиот маркетинг. Концептот на политичкиот маркетинг доведе до нови начини на креирање политичка стратегија и политички програми. Овој маркетиншки концепт се состои во тоа наместо политичката партија и кандидатите, во фокусот да се ставаат избирачкото тело и нивните желби.
Врз основа на анализа на желбите и потребите на избирачите се обликуваат соодветни програми или кандидати на политичките партии. Хрватската политичка сцена е релативно нестабилна, а интересот за политика и изборната партиципација на граѓаните се во опаѓање. Одзивот на гласачите според податоците на Државната изборна комисија, од 1990 до 2016 година , е во постојано опаѓање. Од друга страна, бројот на партии во Хрватска расте. Ова ја наметнува потребата од политички маркетинг, односно обликување на маркетиншките активности, што ќе привлече нови гласачи. Со постоење на политичката конкуренција се создава потреба за маркетиншко дејствување, кое во контекст на политичкиот пазар помага за подобра продажба на одредени идеи, односно програми – смета Ана Пап од Универзитетот во Осиек.