Специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, ја повика новата косовска влада во Приштина неодложно да ги укине таксите на српските производи кои се причина за блокадата на преговорите меѓу Белград и Приштина.
– Очекуваме таксите веднаш да бидат укинати – порача Гренел во соопштенитео проследено до „Асошиејтед прес“.
Гренел, кој е и американски амбасадор во Германија, истакна дека САД јасно им ставиле до знаење на партиските лидери на Косово дека укинувањето на таксите е во најдобар интерес на Косово и неговата економија како и желбата да привлече нови бизниси.
„Асошиејтед прес“ потсетува дека Гренел минатиот месец посредувал околу спогодбата за обнова на железничкиот и воздушниот сообраќај меѓу Белград и Приштина.
– Правиме историски напредок. Наскоро ќе има нови вести зашто двете страни сакаат да се оди напред. Овие чекори ќе придонесат за подобар живот на народот во регионот – нагласи Гренел.