Увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина во Косово бележи драстичен пад откако Владата во Приштина пред една недела воведе такса од 100 отсто на производите од тие земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Додека пред воведувањето на таксата во Косово дневно влегуваа по 100 до 120 камиони и шлепери со производи од тие земји, главно од Србија, откако е донесена одлуката за зголемување на таксата, при влез во Косово се оцаринети само два шлепери со стока од тие две земји, по еден од секоја од нив, објави „Газета Екпрес“.
Портпаролот на Царината на Косово, Адриатик Ставилеци изјави за приштинскиот портал дека вредноста на стоките кои влегуваат во Косово од Србија е мининална споредено со онаа пред воведувањето на таксата.
– Реално, додека пред владината одлука имавме по 100 до 120 шлепери од Србија и Босна и Херцеговина, главно од Србија, сега, по донесувањето на одлуката за 100 отсто царина, имаме оцаринето само два товари, изјави Ставилеци.
Тој информира дека двата увезувачи, кои пренесувале суровини, ја платиле таксата од 100 отсто и дека ги исполниле условите од декларацијата, пропишани со последната одлука на Владата.