Тоа што е најважно за граѓаните од регионот е дека нема простор за одржлив раст на цените, поради намалување на општото ниво на побарувачката. Кризата со вработувањето и намалените приходи ќе предизвика натамошно осиромашување на граѓаните и на фирмите
Земјите од Балканот почнуваат да ги отвораат своите граници за да може да го спречат натамошниот пад на економските активности, што директно се одразува и на општото ниво на живот на граѓаните. Негативното влијание од пандемијата на корнавирусот веќе е видливо во повеќе сектори. Директна последица е губењето на работните места, а тежок удар претставува и намалувањето на приходите на граѓаните. Економските прогнози за годинава не се оптимистички за светот и за регионот. Според Организацијата за економска соработка и развој, се предвидува глобалната рецесија да изнесува од 6 отсто, со предупредување дека во случај на втор бран на епидемијата падот на светското бруто-производство може да достигне 7,6 отсто. За балканските земји, кои се блиско поврзани со заедничкиот европски пазар, дополнителна загриженост претставува годинашниот проектиран пад од 9,1 отсто, а во случај на втор повратен удар на епидемијата, падот да достигне до 11,5 отсто.
На микрониво падот на понудата на одредени производи, во услови на еднаква или зголемена побарувачка, вообичаено влијае на зголемувањето на нивните цени, што веќе се гледа и низ примерот со Босна и Херцеговина.
– Растот на цените на општо ниво не е задолжителен, туку зависи и од другите околности, како што е конкуренцијата од алтернативните производи, висината на акумулираните резерви, промена на приоритетите или преференциите на потрошувачите. Состојбата е слична и во другите држави во регионот – вели економскиот аналитичар Игор Гавран за „Ал џезира“.
На почетокот на епидемијата имаше драстично зголемување на побарувачката за храна и други егзистенцијални производи и создавање домашни резерви на одреден период, со намалување на понудата на увозните производи и преориентирање на потребите на граѓаните од полуксузните на најосновните производи. Промената на цените во повеќето земји од регионот беа ограничени со одлуки на властите и инспекцискиот надзор. По смирување на состојбата со коронавирусот, има зголемување на увозните производи и зголемување на цените кај одредени производи, но е проследено и со пад на побарувачката поради порано создадените резерви, но и пад на приходите на расположивиот доход на граѓаните. Кај луксузните производи, како што се електрониката и возилата, и покрај падот на производството нема драстичен пад на понудата, затоа што побарувачката во овој период била минимална, а продажбата беше сведена на минимум, поради затворањето на продажните објекти и прекинатите канали на дистрибуција, објаснува економистот Гавран.
Тоа што е најважно за граѓаните од регионот е дека нема простор за одржлив раст на цените, поради намалување на општото ниво на побарувачката, кризата со вработувањето и намалените приходи на граѓаните. Поради тоа, трговските компании се обидуваат преку организирање акциски продажби да се ослободат од резервите на производите, но тешкотиите во нивното финансиско работење сѐ уште се присутни.
– Во наредниот период се очекува стабилизација на понудата во сите сегменти, поради оживувањето на економската активност во светот. Можно е и одредено зголемување на цените за да можат фирмите да покријат дел од загубите од периодот на самоизолација. Тоа може да се прави на одредено ниво, но резултатот би можел да биде натамошно осиромашување и на продавачите и на купувачите – појаснува Гавран.
Професорот Дамир Новотни, економски аналитичар од Хрватска, смета дека пандемијата покрај краткорочните нарушувања на пазарот ќе влијае на структурни промени во глобализираниот индустриски сектор. За поголемиот дел од стоката за широка потрошувачка, особено од трудоинтензивната индустрија, што се произведуваат во азиските земји со помали трошоци, веќе се размислува да се вратат и во земјите од Европската Унија.
– Сево ова може да влијае на пораст на цените за широка потрошувачка. Производството на храна не е толку високоглобализирано, како што е кај непрехранбените производи за широка потрошувачка. Во прехранбениот сектор може да се очекува раст на побарувачката за локалните производи, што може краткорочно да ги зголеми цените во оние земји што не произведуваат доволно храна за свои потреби, како што се Хрватска и БиХ. Меѓутоа, со зголемената побарувачка за домашни прехранбени производи, кои имаат јасно потекло во непосредната близина на потрошувачите, може да поттикнат инвестиции во овој сектор и да создадат нови работни места. На домашниот производствен прехранбен сектор пандемијата може да му користи, а малите производители своите производи успешно ги продаваат преку интернет – вели хрватскиот економски експерт за „Ал џезира“.
Новото истражување на порталот „Инфоструд“ за влијанието на вонредната состојба врз вработените, покажува дека половина од вработените се загрижени за губење на работните места во наредните шест месеци, но позитивно е тоа што за речиси 70 отсто од компаниите не ги намалиле платите. Како најголем предизвик во наредниот период испитаниците ги наведуваат стравот од продлабочување на економската криза и борбата за егзистенција. Во однос на финансиските очекувања за годинава, само осум отсто од компаниите пријавиле позитивно влијание на нивното деловно работење, половина очекуваат помали остварувања од финансискиот план, а само пет отсто од фирмите очекуваат зголемување на приходите.