Сите владини агенции се ангажирани и интензивно работат на спасување на животите на луѓето во најзагрозените места во Драч и Туман, по катастрофалниот земјотрес што утрово ја погоди Албанија, рече премиерот Еди Рама.
– Во овој драматичен момент, треба да ја задржиме својата смиреност, да бидеме рамо до рамо за да се справиме со овој шок – напиша Рама на Фејсбук.
Рама пристигна во Драч рано утрово, град кој е најтешко погоден од земјотресот.
Албанија во раните утрински часови беше погодена од силен земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтер, кој е најсилниот во последните три децении. Во потресот загинаа најмалку шест лица, повеќе од 300 се повредени и беа предизвикани големи материјални штети. Замјотресот беше почувствуван низ целиот регион, вклучително и во Македонија.
Рама, исто така, истакна дека Приштина активирала специјални тимови за помош во кризните области на Албанија.
– Сите албански пријатели реагираа брзо. Премиерите Конте и Мицотакис ќе испратат специјални летала. Претседателот Макрон и претседателот Ердоган изразија подготвеност за каква било помош од нивните држави. Амбасадите на ЕУ и САД исто така најавија дека се подготвени да ни помогнат – рече Рама.