Албанскиот премиер Еди Рама го гледа мини-шенгенот како можност за, како што рече, отстранување на границите меѓу Албанија и Косово, но верува дека ќе поминат години додека Приштина да го сфати тоа.
Рама тврди дека идејата за регионален шенген потекнува од поранешниот албански премиер Фатос Нано и дека тој прв ја поттикнал идејата меѓу лидерите на земјите членки на мини-шенген, пренесуваат приштинските медиуми.
Тој исто така смета дека Приштина треба да даде приоритет на дијалогот со Белград, за Косово да достигне повисоко ниво во економска и социјална смисла.
– Првиот регионален шенген беше артикулиран од Фатос Нано во време кога се чинеше лудо. Јас повторно го воведов затоа што беа создадени услови. Регионалниот шенген значи отстранување на границата меѓу Албанија и Косово, но додека тие во Косово го сфатат тоа, ќе поминат години и Косово ќе губи време. Мини шенген е идеја што јас најпрво ја протуркав и имам сведоци за тоа. Откога првпат се собравме во Берлин – рече Рама.
Говорејќи за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Рама изјави дека за него иднината на Косово без решителност да се стави крај на дијалогот е нејасна, не во смисла на независност, туку во однос на капацитетите што можат да бидат на располагање за да се подигне Косово на повисоко ниво, во економски и социјален аспект“.
– Мора да видиме како ќе се одвива процесот на Косово – рече Рама.
На прашањето за работата на косовскиот премиер Албин Курти, Рама рече дека нема да го коментира Курти пред 26 април, кога се одржуваат парламентарните избори во Албанија.
– Јас не го коментирам Курти. Немам коментари за Курти до 26 април. Тогаш можам да зборувам – рече Рама.