Со исклучок на неколку неотворени избирачки места и мирен протестен марш на приврзаниците на опозицијата во Тирана, изборниот ден во Албанија до вчера претпладне мина мирно, но со низок одзив.
Прв од државниот врв граѓанското право го оствари спикерот на албанскиот парламент Грамоз Ручи.
– Како што видовте, гласав и избрав. Во трката има 30 политички субјекти, а за градоначалник на Тирана двајца кандидати. Би било подобро да има повеќе политички субјекти и кандидати. Денеска не е денот да се анализира ова прашање, туку да апелираме за смиреност, одмереност и одлучност – рече Ручи.
Припадниците на армиската единица „командоси“ од почетокот на изборниот процес се грижат за безбедноста на странските амбасади во Тирана.
Албанските командоси се задолжени за безбедноста на 84 значајни објекти, на местото на околу 300 полицајци што вообичаено ги обезбедуваат овие објекти, а кои сега се вклучени во обезбедување на изборните комисии и избирачките места.
Албанскиот премиер Еди Рама порача дека опозицијата на локалните избори во земјата ќе го добие „финалниот удар“. Рама ги предупреди градоначалниците во заминување од опозициската Демократска партија да не ги слушаат наредбите на нивниот партиски шеф Љуљзим Баша.
– И покрај нивните напори да ги блокираат општинските изборни тела, тоа нема да им успее – рече Рама.
Албанскиот претседател Илир Мета ден пред гласањето упати апел до граѓаните да ги почитуваат граѓанските и демократски принципи на одлука на секого „во текот на утрешниот ден“.
Преку порака на Фејсбук, Мета ги повикува албанските граѓани да се однесуваат со смиреност и мудрост.
Мета побара од граѓаните да избегнуваат провокации што можат да доведат до насилство, а политичките разлики да не го загрозат граѓанскиот соживот во секое семејство, населба, село, град и целото албанско општество.
Апели за дистанцирање од насилство и какво било попречување на изборниот тек упатија и амбасадите на САД, Италија, Германија, како и делегацијата на ЕУ во Тирана, која посочува дека граѓаните треба да можат да го искористат своето право на глас на регуларен и мирен начин.
Од друга страна, опозицијата, која не учествува на овие избори, освен апелот да не се потклекнува пред провокации што се во интерес на „криминалната влада на Еди Рама“, граѓаните ги повика на масовен бојкот.