Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, вчера попладне допатува во официјална посета на Србија, а на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ беше пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Воздушниот простор над Србија беше забранет за други прелети, а авионот на рускиот претседател беше следен од авиони на војската на Србија, од типот „миг 29“. Претходно на белградскиот аеродром слета авион со руски стопанственици од повеќе од 40 компании.
Според програмата на посетата, двајцата државници положија венец на гробиштата на ослободителите на Белград и на споменикот на северноармејските војници.
По официјалната церемонија за пречек, беше одржан состанок во потесен формат меѓу Вучиќ и Путин. Еден час подоцна е планирано одржување состанок на делегациите на Србија и Русија, а потоа и потпишување на билатералните документи и договори што се однесуваат на 20 области. Ќе бидат разгледани некои политички прашања, пред сѐ за Косово, јавуваат српските медиуми.
За вчера попладне беше предвидена церемонија за врачување на oрденот „Александар Невски“ на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Орденот му беше врачен лично од рускиот претседател Путин.
Според најавите, по одржувањето на прес-конференција за новинарите, двајцата претседатели ќе го посетат православниот храм „Свети Сава“, кој беше изграден и со помош на Руската Федерација.
За рускиот претседател Владимир Путин е организиран пречек од 70.000 граѓани. Тој ќе биде обезбедуван од 5.000 српски полицајци и припадници на тајните служби и од 300 до 350 припадници на руските безбедносни служби.
Плакати за и против Путин
Во неколку града во Војводина се излепени плакати на кои на англиски пишува „Путин оди си дома“, а на нив е потпишана организација на млади од Војводина. Плакати се појавија и во Нови Сад, Зрењанин, Кикинди, Бачкки Петровац и уште неколку други.
Организацијата „Млада Војводина“ кон крајот на ноември залепиле плакати на плоштадот во Нови Сад на кои пишувало „Плоштад на република Војводина“
Во пресрет на вчерашната посета на рускиот претседател Владимир Путин во Србија, северниот дел на Косово е преплавен со руски знамиња и се поставени билборди на кои се искажува благодарност за помошта во одбраната на државните и националните интереси на Србија и на Србите во Косово. По должината на улицата Крал Петар, на шеталиштето во Северна Митровица, покрај српското, се веат и знамиња на Русија, а слично е и во Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Билбордите се испечатени на руски јазик, а на нив пишува: „Ние сме браќа“ и „Со нас е Бог“.
Москва го зацврстува влијанието на Балканот
Шефот на Кремљ се надева дека во Белград ќе зацврсти една од неколкуте силни билатерални врски што ги има Русија во Европа и ќе го засили настојувањето на Москва да го задржи влијанието на Балканот, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Во истиот текст се наведува дека Путин со оваа посета му оддава целосна државничка почест на српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Танјуг.
„Гардијан“ оценува дека руската поддршка е клучна за Србија, имајќи го предвид неговото право на вето во Советот на безбедност на ОН, а Путин би можел да даде поддршка за спогодбата, што Србија уште повеќе ќе ја зацврсти на патот за интеграција кон ЕУ.
Во пресрет на посетата на рускиот претседател на Белград, американската агенција „Блумберг“ пишува дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе настојува да го искористи тоа и да обезбеди поддршка од Москва за постигнување договор за Косово, пренесуваат српските медиуми.
Рускиот претседател во Белград, како што пишува агенцијата, ќе го поздрави владејачката партија СНС, со собир што ќе го истакне конфликтниот пристап на Србија кон придружувањето кон ЕУ. Како што оценува „Блумберг“, Вучиќ се обидува да даде сигнал дека не прифаќа противење на ЕУ на договорот со Косово за разграничувањето.
Агенцијата наведува дека Вучиќ и Хашим Тачи се свртеле кон Москва и Вашингтон заради поддршка на таквиот договор. Се наведува дека Вучиќ во 2012 година балансирал меѓу ветување за европска интеграција и одржување срдечни врски со Русија.