Во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Шабац, Панчево, Нови Пазар, на Ибарската магистрала и во други делови на Србија, денеска од 17 часот се одржа едночасовен протест против високите цени на горивото со блокирање на улиците и на патиштата.
Граѓаните се организираа преку Фејсбук, по градовите во Србија, каде што во две Фејсбук групи повикуваа возачите со своите возила да ги блокираат патиштата во 17 часот, каде и да се наоѓат.
Медиумите во Белград до почетокот на протестот, ја игнорираа оваа најава за протести.
Во Белград за време на протестот сообраќајот целосно беше запрен на делницата на автопатот кон Ниш, а во спротивна насока, речиси и да немаше автомобили. Некои возачи и патници стоеа покрај возилата.Како што и беше најавено, блокирана беше и Славија каде за малку не беше предизвикана и тепачка, Автокоманда, Газела,Бранков и Панчевачкиот мост, како и други места во два милионскиот Белград.
Како што јави РТВојводина, во Нови Сад протестот предизвикал целосен сообраќаен колапс, а медиумите информираат дека целосно бил блокиран и Ниш, Крагуевац, Зрењанин, Шабац, Ужице, Врање, Лесковац и во речиси сите поголеми градови во Србија, како и на Ибарската магистрала кај Лазаревац.
Организаторите на блокадата на социјалните мрежи објаснија дека се борат за усвојување на три барања, поради фактот што горивото во Србија е меѓу најскапите во регионот.
Првото барање на возачите е да усвои нова цена на горивата која нема да го надмине износот од 110 динари за литар дизел (0,93 евра) и 120 динари за литар бензин (1,02 евра) и оваа цена да биде важечка за сите бензински пумпи во Србија.
Барањата, исто така, вклучуваат и нова пресметка на цената на горивото, така што на основната цена на горивото ќе се пресметува данок, а потоа да се додаде акцизата која не смее да биде поголема од 50 проценти од основната цена на бензинот.
За возилата со погон на гас се бара цената на гасот да не биде поголема од половината од цената на безоловниот бензин.
Од почетокот на годината до денес, горивото во Србија е зголемено за 8,79 динари за литар, а за дизелот за 11,30 динари. Сега литар бензин од 95 октани чини 152,02 динари, Еуродизелот 161,71, додека за поскапите горивни категории таа е 167 динари.