Сообраќајот во делови од Атина беше запрен синоќа откако превозниците се приклучија на штрајкот околу планираните пензиски реформи. Во исто време, илјадници луѓе маршираа мирно низ центарот на градот, барајќи предлог-законот да биде укинат.
        
Бидејќи метрото, возовите и автобусите не сообраќаа, многумина беа принудени со автомобили да одат на работа, предизвикувајќи градот со речиси четири милиони луѓе да биде целосно блокиран.
        
Патничките бродови исто така останале во пристаништата, јавуваат агенциите. Синдикатите одјавниот сектор повикаа на еднодневен прекин на работата, загрижени дека реформите ќе значат намалување на пензиите, кои веќе постепено се намалија откако Грција ја зеде првата финансиска помош во 2010 година.
        
Демонстрантите се собраа пред парламентот, каде пратениците од денеска ќе започнат да разговараат за нацрт-законот.Од Синдикатот на вработени во јавниот сектор (АДЕДИ) изјавуваат дека со новиот закон не се менува старосната граница за пензионирање, односно и во новиот закон таа ќе биде на 67 години или 62 години со 40 години работен стаж.
        
Меѓу другото, тие бараат враќање на 13-та и 14-та плата, како и државна гаранција за сите пензии. Министерот за труд и социјална политика на Грција, Јанис Вруцис рече дека станува збор за атрактивен закон, кој предвидува и зголемување на пензиите.Тој додаде дека тоа е првиот закон за социјално осигурување во историјата кој се заснова на експертска студија со која се потврдува одржливоста на системот за осигурување во земјата до 2070 година и дека тоа е првиот закон по 12 години што не предвидува намалување на пензиите.