Поделбата на Косово, како и секоја друга идеја, зависи од Белград и од Приштина, но главен услов е тоа да биде прифатливо и за Србија, е ставот на амбасадорот на Русија во Србија, Боцан-Харченко. Тоа е исчекор на досегашниот тврд став за неменливост на границите на Балканот. Дали ова значи и олеснителна околност за можноста за реализација на идејата за корекција на границите, која беше заговарана и од САД, но наиде на едногласно одбивање од ЕУ? Но се чини дека има промени и на овој план во ЕУ. Како што изјави Јосип Борел за приштинска „Коха диторе“, секако „доколку двете страни се согласат на тоа“, мислејќи на Србија и Косово и нивниот договор за менување на границите…
Дали Русија се враќа во преговарачката мисија за наоѓање конечно решение за српско-косовскиот спор и дали концептот за корекција на границите на Балканот сѐ уште не е мртов, како што се нагласува од европските институции во Брисел? Едно интервју на рускиот амбасадор во Белград, дадено деновиве за белградскиот весник „Политика“, предизвика нова серија реакции за можните намери на Русија во овој дел од регионот. Моментално официјална Москва не е вклучена во дијалогот меѓу Србија и Косово и настапот на амбасадорот Александар Боцан-Харченко се толкува како обид за засилување на улогата на Русија во решавањето на косовскиот спор. Генералниот заклучок е дека сите опции се во игра, за која ќе се договорат двете, засега, далеку спротивставени страни.
– Секој предлог е добредојден и придонесува за идејата што ќе помогне за стабилноста, мирот и просперитетот на Србија и Косово – изјави Дик Кастин, портпаролот на Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Косово и Србија, за Радио Слободна Европа.
Ова е наедно и одговорот на Вашингтон на изјавите на амбасадорот на Русија во Србија, Александар Боцан-Харченко, за тоа дека дефинитивното решение за Косово треба да биде утврдено на Советот за безбедност во ОН и со донесување нова резолуција, која ќе ја замени Резолуцијата 1244. Ставот на Москва, рускиот амбасадор го искажа во интервју за „Политика“ од деветти мај, а се однесуваше за прашањето за можноста Русија официјално да се вклучи во преговорите за Косово, за што е потребно и повик од Белград.
Од Владата на Косово наведуваат дека целта на Русија е прашањето за Косово да се врати во Советот за безбедност на ОН, затоа што Русија има право на вето. Од Приштина се повикуваат на Меѓународниот суд за правда, кој е главен судски орган на ОН, кој потврди дека прогласувањето на независноста на Косово не е во спротивност со меѓународното право. Од Србија засега никој од официјалните државни претставници не ја коментирале изјавата на амбасадорот на Русија.
Душан Јањиќ, директорот на белградскиот Форум за етнички односи, забележува дека изјавата на амбасадорот на Русија се разликува од досегашниот став на Москва дека ќе ја поддржи секоја одлука на Белград во решавањето на косовското прашање.
– Овде интересот на Русија е јасен. Која било расправа за Косово во Советот за безбедност ја враќа Русија на сцената, а Србија ја одвлекува од патот кон Европската Унија, затоа што дијалогот меѓу Белград и Приштина се одвива под покровителство на ЕУ – вели Јањиќ за РСЕ.
Последните сигнали од Москва тој ги гледа во поширок контекст, а тоа е дека Западот може да оди на посакувано решение за Косово и за БиХ, а за возврат Русија да добие поголем простор во решавање на проблемите во Украина, Грузија и во Сирија.
Рускиот амбасадор без дипломатска воздржаност отворено говори дека досегашните дипломатски активности за решавање на српско-косовскиот спор не се многу очигледни и тој смета дека состојбата на Косово е уште полоша. Поделбата на Косово, како и секоја друга идеја, зависи од Белград и од Приштина, но главен услов е тоа да биде прифатливо и за Србија, заклучува амбасадорот Боцан-Харченко.
Ова значи и можност од реализација на идејата за корекција на границите, која беше заговарана и од САД, но наиде на едногласно одбивање од ЕУ. Но се чини дека има промени и во овој план, а како што изјави Јосип Борел, за приштинска „Коха диторе“, „доколку двете страни се согласат на тоа, ЕУ не може да биде поголем папа од папата“, пренесува „Еуроактив“ од „Јутарњи лист“.
Во анализата на хрватскиот весник се извлекува заклучокот дека и во ЕУ доаѓа до промена на ставот. Германија досега била силно против ваквата разврска на настаните, но доколку мнозинството во ЕУ застане зад таквата опција, не е исклучено и да се реализира „корекцијата на границите“. Иако е јасно дека таквата одлука би можела да има далекосежни последици не само на Балканот туку и на глобален план.
Поранешниот амбасадор во ОН Владислав Јовановиќ не исклучува дека и Русија брза прашањето за Косово да се затвори и со тоа да има еден проблем помалку со Западот.
– Русија и натаму и ѝ дава поддршка на Србија, но најавите за измена на Резолуцијата 1244 со некоја нова одат во пресрет на исчекувањата на Западот за тоа Белград да направи отстапки. Со сегашната резолуција се штити српскиот суверенитет над Косово, што е тешко замисливо со некој нов документ од Советот за безбедност Косово да ѝ се врати на Србија – посочува Јовановиќ.
Според Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина, Европската Унија во дијалогот на Белград и Приштина мора да „оди рака под рака“ со Соединетите Американски Држави. Лајчак за австриската агенција АПА рече дека размената на територии не е на дневен ред.
– Видовме многу силна негативна реакција на размена на територии во другите земји од регионот, како и во земјите на ЕУ. Тоа ме доведе до заклучок дека тоа не е на дневен ред, ниту би требало да биде на дневен ред – нагласи Лајчак, пренесува „Косово онлајн“.
Тој укажа дека е потребен договор што ја смирува ситуацијата и оцени дека реакциите на идејата за размена на територии покажаа „многу јасно“ дека тоа би го донело „токму спротивното“.