Бројот на загинати, трет ден по силниот земјотрес што го зафати регионот околу Драч, се искачи на 41. Според Министерството за здравство на Албанија, 750 луѓе се хоспитализирани, додека четири лица од нив се во тешка состојба.
Спасувачките служби во текот на вчерашниот ден ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани по земјотресот од 6,4 степени по Рихтер, кој ја погоди Албанија. Како што продолжува потрагата, се зголемува и бројот на жртвите. Досега се извадени телата на 41 лице, од кои најмалку 4 се деца, а властите стравуваат дека тој број дополнително ќе се зголемува. Бројот на исчезнати не е познат додека спасувачите постојано слушаат повици за помош од урнатините. По првичниот земјотрес регионот го погодија дополнителни 650 потреси од кои десетина беа со јачина над четири степени.
Повеќе од 2.000 жители, кои ги загубија своите домови, се собрани во импровизираниот камп во фудбалскиот стадион во Драч. Шаторите не се доволни да ги соберат сите затоа што преплашените жители на Драч деновите и ноќите ги поминуваат под отворено небо.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, вчера изјави дека Албанија има потребна од парична, а не материјална помош.
– Последен пат ги предупредувам порталите и другите медиуми дека во услови на вонредната ситуација, ако продолжат да шират паника со лажни вести, ќе бидам принуден да ги затворам – рече Рама.