Владата на Косово за 10 отсто ги зголеми царинските давачки за стоките што потекнуваат од Србија и од Босна и Херцеговина. Официјален Белград веднаш реагираше со одлука за прекинување на дијалогот со Приштина, додека Европската Унија побара од косовските власти итно да ја објаснат „неочекуваната одлука“.
– Одлуката на Приштина е спротивна на важечките прописи и спогодби и на договорот ЦЕФТА, а нејзините последици им нанесуваат штета на сите националности на Косово и Метохија. Нужниот предуслов за продолжување на бриселскиот дијалог е моменталното укинување на оваа штетна и незаконска одлука – изјави во писменото соопштение директорот на канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ.
На вонредната прес-конференција во Белград, Ѓуриќ рече дека со одлуката, која е „опасна и нелегална“, Приштина го блокира бриселскиот дијалог на сите нивоа.
– Ова е политички мотивираната, незрела и неспроведлива одлука. Трговските војни што ги почнува Приштина живеат во болните глави, кои мислат дека на тој начин прават нешто во политичка смисла – оцени Ѓуриќ.
Европската Унија во меѓувреме побара итно објаснување на оваа „неочекувана одлука“ на косовската влада за зголемување на давачките за 10 отсто за производите увезени од Србија и од БиХ. Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, оцени дека мерките на Приштина претставуваат јасно кршење на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
Во соопштението од Брисел се истакнува дека со одлуката на Владата во Косово се „поткопува регионалната соработка, вклучувајќи ја и регионалната економска зона, и не е на линијата со принципите што се предвидени со Спогодбата за стабилизација и придружување на ЕУ со Косово“.