Партиските членови на СНС и вработените во јавните претпријатија мораат да присуствуваат на митинзите на власта или ќе мора да најдат своја замена
Српската напредна партија предводена од Александар Вучиќ се подготвува да ја покаже својата надмоќност над опозицијата со организирање најголеми митинзи во Србија. За подготовките на најмасовните митинзи во Нови Сад и во Белград, кои се закажани на 11 и на 19 април, јавно проговори Марко Ѓуриќ, потпретседателот на СНС. Според информациите од партијата, на вчерашниот протест во Нови Сад, се предвидува да бидат присутни 25.000 луѓе од внатрешноста на Србија, кои би биле донесени со 500 автобуси. За митингот во Белград се планирани 1.000 автобуси за 50.000 граѓани од внатрешноста, а исто толку се планира да дојдат од Белград.
Весникот „Данас“, повикувајќи се на партиски функционери од градските организации на СНС, информира дека локалните координатори се соочувале со голем проблем за да ја обезбедат утврдената квота учесници.
– Сега почнаа да ги бараат луѓето на мобилни телефони и да им се закануваат да дојдат на определено место за да се замине во Нови Сад и во Белград. Порано им се јавуваа само на оние што се вработени во државните претпријатија, а сега ги повикуваат и вработените во приватните фирми – вели соговорникот на „Данас“.
Срѓан Миливојевиќ, од Демократската партија, вели дека му се јавувале граѓани и членови на СНС, кои му се жалеле дека биле принудени да одат на митинзите, спротивно на нивната волја.
– Тие се правдаат дека немаат желба да одат на митинзите, но дека се принудени поради работата. Тој што нема да може да дојде, ќе мора да најде своја замена. Во Крушевац се пренесе информацијата дека од овој град имаат квота од 80 автобуси, односно 4.000 луѓе за Нови Сад. За митингот во Белград квотата е сто автобуси – вели Миливојевиќ.
Соговорниците на „Данас“ посочуваат дека најмногу проблеми за исполнување на обврската за бројот на присутните на митинзите има во краевите во кои се во тек земјоделските и овоштарските работи, како што се Ивањица, Пожега, Ариље, Косјериќ и други места. За жителите на Белград, кои се вработени во јавните институции и некои приватни фирми, присуството на митингот, им е определено како работна обврска. Така, вработените во „Градска чистота“ веќе добиле работен налог да се соберат пред салата „Пионир“ за да отпатуваат на синоќешниот митинг во Нови Сад.
На овој митинг, покрај претседателот на Србија Александар Вучиќ, ќе говорат и премиерката Ана Брнабиќ и првиот потпретседател на Владата Ивица Дачиќ.
Главната цел на Српската напредна партија е да покаже бројна надмоќност над опозицијата, која неколку недели по ред, одржува митинзи низ градовите во Србија, познати под слоганот „1 од 5 милиони“.