За претседателскиот кандидат од опозициската СДП, Зоран Милановиќ, одлуката да се одржат избори за претседател на Хрватска на 22 декември е „кражба и срамота“. Според него, целта на премиерот Андреј Пленковиќ е да се спречат граѓаните да изберат „подобра Хрватска“.
Милановиќ на Фејсбук наведе три причини за својата критика. Тој верува дека на овој начин владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) сака да го намали бројот на граѓани што ќе излезат на гласање и во првиот круг (22 декември) и во вториот круг (5 јануари), бидејќи семејствата тогаш најверојатно ќе бидат на одмор.
Исто така, Милановиќ оцени дека на тој начин се убива кампањата за втор круг, бидејќи се темпира времето на празници за да се „скрие безвредноста на кандидатката на ХДЗ“, актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
Премиерот Пленковиќ на овие обвинувања одговори дека тоа е „интересен сигнал на слабост на кандидатот, кој има многу проблеми и страв, затоа што знае дека ќе ги изгуби изборите од актуелната претседателка“.
– Како што знам, секогаш претседателските избори се во пресрет на Нова година. Календарот е таков затоа што претседателот Фрањо Туѓман почина во декември 1999 година – рече Пленковиќ.