Казната за доживотниот затвор за Радован Караџиќ од една страна значи задоволување на правдата за жртвите на етничкото чистење. Тоа е и сигнал за националистите што денес владеат во Република Српска, но и за сите критичари на Трибуналот во другите земји што произлегоа од поранешна Југославија и кои во него не гледаат инстанца на меѓународното право, туку некој вид суд на победничката страна.
– Пресудата на Трибуналот на ОН за поранешна Југославија за лидерот на српските националисти во војната во БиХ покажува дека меѓународното правосудство е способно да дејствува и покрај сите отпори – пишува Ридигер Росиг, во својот коментар објавен во „Дојче веле“.
Хашката пресуда за доживотен затвор за Радован Караџиќ е порака и за држави како САД, Русија или Кина, кои одбиваат да им ги предаваат своите државјани на меѓународните судови и кои посакуваат тие да се укинат. Ним, како и на бившојугословенски критичари на меѓународното правосудство, Трибуналот им покажа дека, и покрај сите отпори, е во состојба да донесе правда и да ја спроведе, смета Росиг.
Форумот за безбедност и демократија посочува дека пресудата за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, не би требало да се користи за подигање на политичката тензија и националното незадоволство, туку за поттикнување анализа на идеологијата и на политиката на оние што влијаеле на животите на другите, и на новите генерации.
– Однесувањето на медиумите на Србија за пресудата на Хашкиот суд покажува дека земјата не спровела вистински внатрешен дијалог за сопствената улога за исчезнувањето на Југославија. Сите актуелни конфликти во парламентот, на улиците и пред судовите во Србија се рефлекс на основното политичко прашање што Србија не успеа да го реши на 5 октомври 2000 година, а тоа е прашањето за односот кон наследството од Слободан Милошевиќ и војните од 1990-тите години – се наведува во соопштението на ФБД.
Жалбениот совет на меѓународниот суд во Хаг правосилно го осуди Караџиќ, кој беше прогласен за виновен за геноцид и злосторство против човештвото над несрпското население во војната во Босна и Херцеговина.