Постоењето на педесет регистрирани политички партии во Црна Гора на околу 600 илјади жители, е одраз на незрело општество и на недоволно развиена демократска свест на политичката сцена. Поттикнувањето формирање нови партии се прави за да се внесат забуни кај избирачкото тело. Моментално во Собранието на Црна Гора има претставници од 15 политички партии, а некои политичари сметаат дека и таа бројка е голема, затоа што граѓаните не можат да препознаат повеќе од неколку идеологии, пишува подгоричкиот весник „Вијести“. Политичкиот аналитичар Драгиша Јањушевиќ посочува дека големиот број партии во мала држава покажува дека државата сѐ уште поминува низ процесот на транзиција.
– Нашиот повеќепартизам е симулиран и лажен, што значи дека хиперпродукцијата и инфлацијата на политичките партии се поттикнува од власта за да се создава забуна во опозициското избирачко тело – вели Јањушевиќ.
Професорот по политичка социологија од Белград Зоран Стојиљковиќ, вели дека многу малку партии успеваат да преживеат неколку изборни циклуси и реално да дејствуваат во предизборниот период.
За програмскиот директор на Граѓанска алијанса Борис Раониќ е нормално општество што не е демократски созреано да има толку многу партии, затоа што се присутни идеолошки талкања, лидерски суети, промена на партиските редови поради недемократска структура или лоши програмски политики.