Министерството за економија на Црна Гора упати предлог до Владата за измена и дополнување на Законот за внатрешна трговија, со кој се воведува неработна недела. Со оваа измена работодавците ќе можат да ја зголемат продуктивноста на трудот и ќе ги намалат трошоците за одржување, смета предлагачот на новиот закон.
– Ова законско решение не може да влијае на намалување на бројот на работниците, туку работата ќе може рамномерно да се распореди во другите работни денови, а вработените во трговијата ќе имаат неработна недела како што имаат и другите вработени во другите дејности – објаснуваат од Министерството за економија.
Примената на предлогот за неработна недела, кој е содржан во новото решение на Законот за внатрешна трговија, ќе се однесува на 37.000 вработени во овој сектор во Црна Гора. Најавата за прогласување неработна недела ги израдува вработените во трговијата, кои конечно ќе имаат еден слободен ден за време на викендот.
– Ова е одлично решение. Ќе имам повеќе време за семејството и за организирање на своето слободно време во неделата – изјави една продавачка во продавница за облека во Подгорица.
Многу вработени во Црна Гора во текот на еден месец имаат само два слободни дена, а нивното користење зависи од волјата на сопственикот на трговскиот објект.
На одлуката за прогласување неработна недела ќе мора да се приспособат и граѓаните, кои поради своите работни обврски набавките за неопходните производи ги правеа во недела.
– Работам шест дена во една седмица, бидејќи сум вработена во приватна агенција за сметководство. Набавките ги правев претежно во неделите. Сега ќе морам да се реорганизирам – е коментарот на Ивана од Подгорица.
Измените на законот се иницирани од работодавците и од Стопанската комора на Црна Гора, а тие се поддржани од синдикатот и од здруженијата на потрошувачите.