По трагедијата што се случи во Италија, кога се урна надвозникот „Моранди“, при што загинаа 41 лице, албанските власти почнуваат со контрола на издржливоста на мостовите во земјата.
Директорот на сообраќајната полиција Митхат Тола изјави дека почнале инспекциите на системот на хоризонтална и вертикална сигнализација околу дозволената тежина на возилата што минуваат по мостовите, како и состојбата на безбедносните елементи.
– Почнавме со оваа активност и таа ќе трае и следните недели, сѐ додека не се провери безбедноста на секој мост. Неа ја реализира Службата на сообраќајната полиција во соработка со Агенцијата за државни патишта – изјави Тола.
Тој посочи дека сообраќајната полиција строго ќе го контролира секое возило дали ја почитува пропишаната тежина што е дозволена да може да помине по одреден мост.
– Во Албанија има многу мостови што се изградени во триесеттите години од минатиот век од страна на италијанската војска, кои тогаш биле проектирани да издржат помала тежина. Некои се изградени пред половина век, кога минувале само по неколку возила дневно, а сега минуваат стотици. И едните и другите воопшто не се санирани – пишува весникот „Коха јон“.
Но годините на изградба не се единствениот проблем кога станува збор за безбедноста на мостовите во Албанија. Има и мостови изградени во 90-тите години од минатиот век, но од фирми што имаат искуство само со изградба на згради и тие се опасност со години.
Најдобар пример е уривањето на мостот во Фуш-Круја во 2017 година, кога по обилните дождови, надојдената река го „однесе“ бетонскиот мост, изграден пред три години.