Босна и Херцеговина
Термините за добивање визи во германската амбасада во Сараево се доделуваат бавно, а на луѓето што веќе нашле работа кај германските работодавци им се прекинуваат договорите
Бројот на граѓаните од Босна и Херцеговина што сакаат да заминат за Германија е сѐ поголем, но малкумина од нив можат да ја поминат визната бариера. Проблемите со кои се соочуваат тие при добивањето на потребните дозволи за работа во Германија ги кажуваат на фејсбук-групата во која членуваат повеќе од 57.000 лица, кои својата иднина ја гледаат во оваа западноевропска држава. Во оваа група има припадници од сите етнички заедници во БиХ, кои се жалат на предолгото чекање за термин во германската амбасада заради добивање работна дозвола.
– Термините во германската амбасада во Сараево се доделуваат бавно за луѓето што веќе нашле работа кај германските работодавци и имаат потпишани договори за работа. Често овие договори се откажуваат од причина што луѓето не можат да работат без визи. Работодавците не сакаат да чекаат на долгите процедури во амбасадата – вели еден од барателите на работна дозвола од Краина.
Во редакцијата на „Дојче веле“ се јавија многу граѓани што се соочуваат со слични проблеми. Еден маж вели дека со сопругата договориле да почнат со работа за еден месец, а терминот за виза најрано може да го добие во ноември или декември годинава. Луѓето се очајни, огорчени и преплашени. Тие бараат помош на сите страни, но бараат да останат анонимни, бидејќи тие сѐ уште зависат од волјата на некој домашен работодавец. Се плашат и дека ако јавно проговорат ќе имаат тешкотии и при добивањето на работната виза од германската амбасада.
Соговорник од Бања Лука пред една година добил работа како ИТ-специјалист во фирма во Берлин, а оваа професија е дефинирана како дефицитарна од германското биро за вработување. Работата ја добил на неопределено време, но од амбасадата постојано го одложувале терминот за одобрување виза. За да се забрза постапката ургирале и од германската фирма, но во амбасадата во Сараево им било сугерирано да „не вршат притисок“. Подоцна фирмата се откажала од ангажирање на информатичарот.
Од германската амбасада не сакаа да одговорат за причините за бавната процедура за закажување на термините за визи, кои понекогаш траат и до 18 месеци. Неофицијално, амбасадата во Сараево добила помош од двајца германски работници, кои биле ангажирани на издавањето визи.
– По олеснувањето на вработувањето од почетокот на 2016 година, забележан е енормен раст на барањата за визи од земјите на Западен Балкан. Само во минатата година во одделот за визи во амбасадата во Сараево биле процесирани 17.000 барања. Сараево, Приштина и Белград се градовите од кои најмногу се бараат визи за престој и работа во Германија – се наведува во дописот од германското Министерство за надворешни работи, испратен до „Дојче веле“.
Од Министерството објаснуваат дека времето на чекање за термини за виза за работниците со пониски квалификации, како што е во градежништвото или во угостителството, е подолг од една година. Медицинските работници се во малку подобра состојба, поради потпишаната спогодба меѓу бироата за вработување во БиХ и во Германија.