Вооружениот напад во Виена беше „трагедија полна со симболичко значење за албанската дијаспора“. Сторителот и неговата прва жртва беа австриски државјани, израснати во Виена, но двајцата истовремено и Албанци од Македонија
Радикалните исламисти интензивно работат на регрутирање млади лица во ЕУ
Примерот со радикализацијата на младите Албанци од Косово и од Македонија е потврда дека силата и опасноста од идеологијата на политичкиот ислам не смее да се потценуваат. Вооружениот напад во Виена беше „трагедија полна со симболичко значење за албанската дијаспора“. Сторителот и неговата прва жртва беа австриски државјани, израснати во Виена, но двајцата истовремено и Албанци од Македонија, пишува виенскиот весник „Стандард“, кој дава поширока слика за исламскиот радикализам на Балканот, на кој се изложени младите генерации на Албанците.
Пол Лендваи во својата колумна пишува за распространетоста на албанската дијаспора, а посочува дека само во Швајцарија живеат над 200.000 луѓе со албанско потекло, главно од Косово и од Македонија. Според податоците на амбасадата на Косово во Виена, во Австрија живеат околу 30 илјади косовски граѓани и 40 илјади Косовци што поседуваат австриско државјанство.
– Иако од граѓанската војна во 2001 година за албанското малцинство во Македонија се направени големи исчекори во насока на нивната рамноправност, за што сведочи и поголемото учество на албанските партии во Владата, чувството на потчинетост е пред сѐ поради влијанието на промотерите на омраза, што придонесе за создавање исламистички мрежи во Централна Европа, од Виена до Винтертур – се наведува во текстот објавен во „Стандард“.
Во процесот на трансформација на младите Албанци „од етнонационализмот, до исламскиот фундаментализам“ важна улога одиграа и исламските хуманитарни организации од арапските земји и Турција, кои по „балканските“ војни беа активни во овој дел од Европа. Политикологот Нина Шолц, чие мислење е објавено во „Стандард“, ги отфрла објаснувањата за настаните во Виена, а кои се сведуваат на оправдувања што се во насока за некаква социјална запоставеност или на „изгубените млади муслимани во урбаните општества на Западот“.
– Ние би требало подобро да се посветиме на идеологијата на политичкиот ислам и со тоа што се проповеда во џамиите што се под влијание на некои верски здруженија – заклучува Нина Шулц.
Терористичкиот напад во Виена се случува во време кога во Специјалниот суд во Хаг беше поднесено обвинение против поранешните водачи на ОВК, кои се соочуваат со обвинение за убиство на стотина лица во војната во Косово. Во Хаг, покрај косовскиот претседател Хашим Тачи, кој поднесе оставка, со обвиненија за воени злосторства се соочуваат и неговите блиски соработници, поранешни високи функционери во ОВК, како доскорашниот претседател на Собранието Кадри Весели, поранешниот претседател на косовскиот парламент и поранешен портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи, и шефот на парламентарната група, движењето Самоопределување и поранешниот припадник на ОВК Реџеп Селими.
Според некои аналитичари, новиот развој на настаните може да го засили влијанието на десничарските политички групации на Косово и да продуцира нови активности на екстремните групи во албанската дијаспора. Со повлекувањето на Хашим Тачи од претседателската функција, Косово влегува во нова политичка неизвесност, која неминовно води и во нови претседателски и парламентарни избори. Тоа секако ќе се рефлектира и на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи, веќе побара да биде прекинат дијалогот што се одвива под покровителство на Брисел.
– Мислам дека поради актуелните случувања сега не е моментот дијалогот веднаш да продолжи. Косовските институции треба да одвојат малку време, да се консултираат меѓусебно, да создадат многу поединствен став за дијалогот, бидејќи е неопходно секој што преговара во име на Косово, за судбината на Косово, да има единствен став на политичкиот спектар, а не само на коалицијата што ја претставува – изјави Османи во интервју за „Дојче веле“.
Прекин на дијалогот побара и претседателот на Алијансата за иднина на Косово Рамуш Харадинај. Тој ја демантира изјавата на белградскиот адвокат Предраг Савиќ дека повторно ќе седне на обвинителна клупа на Специјализираните совети во Хаг, бидејќи против него има потврдено обвинение, што сѐ уште не е обелоденето.