Србија
Во Србија од вчера се применуваат уште подрастични мерки за справување со коронавирусот. Воведени се големи рестрикции на меѓуградскиот превоз, односно од 8 до 15 часот ќе се сообраќа секој втор автобус, а по 15 часот меѓуградскиот превоз нема да функционира. Јавниот градски превоз во Белград е укинат за време на полицискиот час од 20 до 5 часот.
Границите на Србија се затворени за сите жители, па дури и за Србите што масовно се враќаат во својата земја. Според последните информации, во последните три дена се вратиле над 65 илјади граѓани. Затворени се границите и за влез и за излез.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека ја минале најтешката ноќ во справувањето со коронавирусот. Има 15 нови лица што се заразени со вирусот, а дури девет лица се ставени на респиратори. Потврдени се вкупно 118 случаи од коронавирус.
– Ова беше најтешката ноќ за нас, но доаѓаат уште потешки ноќи – рече Вучиќ на средбата со норвешкиот амбасадор Јорн Еуген Гјелстад.
Српската војска направи камп-населба во Моровиќ за карантин на граѓаните што ќе пристигнат од странство. Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, заедно со надлежните санитарни служби, одредуваат кој ќе влегува и кој ќе излегува од кампот, а сето тоа во зависност од процените на лекарите.
Во наредните денови граѓаните ќе бидат информирани за новото скратување на времето на слободно движење во наредните 72-96 часа.
Поради непочитување на полицискиот час, уапсени се вкупно 154 лица во текот на завчерашната ноќ, а за кршење на владините мерки во карантин во Моровиќ се одведени 66 лица, изјави денеска министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ. Тој за РТС изјави дека уапсените биле надвор од нивните домаќинства помеѓу 20 и 5 часот наутро без овластување.
Тој процени дека втората вечер од забраната за движење во Србија, воведена поради коронавирусот, поминала релативно тивко и дека најголем број граѓани ја разбрале важноста на воведените мерки.