Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја одби оставката што вчера, под притисок на јавноста, ја поднесе министерка за регионален развој Габријела Жалац, поради сообраќајната несреќа што ја предизвика викендов во Винковци, кога без важечка возачка дозвола со автомобилот удри во десетгодишно девојче.
– Силно сум потресена. Тоа што ми се случи мене во саботата не сакам да му се случи никому. Тргнав во продавница кога пред автомобилот ми истрча девојче. Удрив во неа, на самото место ѝ помогнав колку што можев, ги повикавме брзата помош и полицијата и беше однесена во болницата во Винковци, а потоа во Клиничкиот центар во Осиек – изјави вчера на прес-конференција Жалац, видно потресена и расплакана.
За возачка дозвола рече дека воопшто не знаела дека ѝ истекла, при тоа додавајќи дека тоа не е оправдување.
– Тоа воопшто не ме оправдува. Тука е мојата дозвола што истекла на 9 јуни 2016 година – покажа Жалац, притоа додавајќи дека мислела дека дозволата ѝ важи додека не појде на некаков преглед.
Запрашана од страна на новинарите дали може да ја врши функцијата, бидејќи претходно во неколку наврати спомена дека е во шок, таа одговори дека може.
– Секако дека можам, но кога малку ќе си дојдам при себе и кога сево ова што се случува веќе два дена на некој начин ќе се смири. Мене ми е најважно дека девојчето е добро – порача Жалац.
Оваа хрватска министерка неодамна се најде на удар на критика, откако на семинар во Дубровник се појави во тесен црвен фустан каков што ретко кој би се осмелил да облече. Поголемиот дел од хрватската јавност смета дека министерката не се облекува соодветно на настаните што ги посетува и за функцијата што ја извршува.