Атина – Голем број луѓе учествувале на протестите што се одржаа во Солун и во Атина, а црковните камбани низ Грција чукале во знак на жалост поради одлуката на турскиот претседател црквата „Света Софија“ во Истанбул, која беше музеј, да се отвори за муслимански верски обреди. Поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јероним Втори, промената во Истанбул ја нарече „нечесно поразително дело“, додавајќи дека „денеска е ден на жалост за сите христијани“. („Еуроњуз“)

Подгорица – Црна Гора ќе испрати 30 припадници на војската на ЦГ во состав на силите на НАТО за брзо реагирање, одлучи во понеделникот црногорскиот парламент. Одлуката ќе биде спроведена по прифаќањето на предлогот за распоредување од страна на Северноатлантскиот совет, највисокото тело за политички одлуки во НАТО. (портал „ЦдМ“)

Белград – Повеќе градови во Србија, како Ниш, Чачак, Ивањица и други, завчеравечер бea зафатени од пороен дожд и силен ветар, кој предизвикаa поплави и прекини на електричната енергија. Во Ниш на повеќе места во градот улиците беа како реки. За еден месец, Ниш третпат е зафатен од поплави. („Новости“)


Бисер балкански

Со џипови за повисок авторитет

– Овие возила се набавени затоа што овозможуваат да се покаже авторитетот на државата. На крајот, најголемиот број возила што се паркираат на недозволени места се џипови, „аудиа“ и „бемвеа“. Нема против нив да одиме со тротинети, туку против нивните сопственици ќе одиме со возила со кои ќе се покаже колкава е силата на државата – порача Горан Весиќ, заменик-градоначалник на Белград, кој го претстави новиот систем за електронска контрола за непрописно паркирање, наречен „Окото на соколот“, со специјално опремени возила, кои ќе снимаат возила што се паркираат на јавни површини во градот.
Одборникот на Народната партија во Собранието на Белград Милош Павловиќ изјави дека набавката на 18 џипа „ленд ровер дискавери“ за потребите на комуналната полиција, од кои секој чини по 33.000 евра, претставува уште „еден грабеж без оружје“, со кои парите од граѓаните се слеваат во приватни џебови на сопствениците на фирмата што е блиска на владејачката партија СНС.