Атина – Нов стимулативен пакет мерки што ќе биде олеснување за над 500.000 бизниси, за самовработените и за милион вработени, објави вчера грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. За бизнисите што од јануари до март имаа намален профит, предвиден е нов, седми циклус на финансиска помош во вид на т.н. „отплатен аванс“ од 1.000 до 100.000 евра, а во мерката ќе бидат вклучени и малопродажбата и угостителството. („Независен“)

Љубљана – Владата на Словенија ги продолжи повеќето рестриктивни мерки за уште една недела. Единствена мерка што властите ја ублажија е отворањето на градилиштата од 15 март, а градежните работници можат да се вратат на работа без претходно тестирање.
– Моменталната епидемиолошка ситуација во земјата бара нова, временски ограничена објава на епидемија на целата територија на Словенија – соопшти Владата. (СТА)

Тирана – Во Албанија од почетокот на пандемијата, битката со ковид-19 ја изгубиле 43 здравствени работници, од нив околу 90 отсто лекари, кои инфекцијата ја добиле на работното место. Опасниот вирус не ги поштедил ниту полициските службеници, кои исто така се заразиле додека биле на должност. Од заразените над стотина полициски службеници, починале 25. На една година од епидемијата, официјалниот број на починати е 1.986. (21 ТВ)


Бисер балкански

Скриена камера, максимална казна

– Момче на возраст од 25 години направило 14 сообраќајни прекршоци на исто место, а тоа било снимано од камера за контрола на брзината на возење. Тој се бранеше дека не знаел дека на тоа место има камера и дека се снима брзината. Но момчето возеше и без возачка дозвола, со нерегистрирано и неосигурено возило и со лажни регистерски таблички. Вкупната казна изнесува над 300.000 куни. Според законот, едно лице максимално може да биде казнето со 100 илјади куни, 120 дена затвор и условна казна од една година и забрана за управување возило со Б-категорија – изјави Томислав Зајец, раководител на Крапинско-загорската полициска управа во Хрватска.
На истото место со прекумерно движење со возилото била фатена и жена од Ѓаково, која за два месеца била „снимена“ 25 пати, објави Нова ТВ.