Сараево – Семир Халиловиќ, поранешен член на Собранието на кантонот Сараево и син на генералот на армијата на БиХ, Сефер Халиловиќ, ја предупредува јавноста дека ако САД ја напуштат БиХ веднаш ќе дојде распад, а според него, бошњачката политика е кланска борба за власт.
– Босна и Херцеговина е исто така земја под меѓународна заштита. Главната сила на стабилноста на БиХ не се нејзините државни институции, туку поддршката од САД и неколку водечки земји од ЕУ. Тоа ја спречува Босна и Херцеговина да се искине однадвор или да се подели однатре – оцени Халиловиќ. („Ослобоѓење“)

Атина – Во текот на јули, било регистрирано зголемување за 140,6 отсто на бројот на патниците на грчките аеродроми.
Зголемување на бројот на летови и на патници на грчките аеродроми, како во изминатите седум месеци така и во текот на јули, во споредба со лани, но и намалување во споредба со 2019 година, односно пред пандемијата, покажуваат податоците на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција. („Независен“)

Софија – Една од двете задачи, кои ги постави коалицијата „БСП за Бугарија“, е да вложи максимални напори за формирање владин кабинет. Тоа му го соопшти лидерката на левицата, Корнелија Нинова, на бугарскиот претседател Румен Радев.
Нинова укажа на ажурирање на буџетот во три насоки – стабилизирање на здравствениот систем за надминување на кризата со коронавирусот, повторно пресметување на пензиите и зголемување на приходите, како и подготовка на државата за евентуален мигрантски бран, како клучни задачи. (БГНЕС)


Бисер балкански

Сите бевме таму

– Вознемирувачки е да се прочита дека Албанија ги засолнува Авганистанците само затоа што САД го побараа тоа од нас, смешно е да им го свртиш грбот ним и да ги обвинуваш само САД. Сите бевме таму како НАТО и овие луѓе беа таму за нас, верувајќи во идеалите за кои се залагаат САД и ЕУ – напиша албанскиот премиер Еди Рама на Твитер по реакциите на јавноста за одлуката да ги прими цивилните бегалци од Авганистан.
Тој додаде дека Албанија презема одговорности како земја-членка на НАТО.
– Можеби не сме богати, но тоа им го должиме на нашите авганистански пријатели во неволја и тоа ѝ го должиме на нашата традиција, нашето неодамнешно минато како бегалци, како и споменот што нашите деца ќе го наследат – додаде Рама.