Белград – Јована Стојковиќ, антиваксерка и претседателка на движењето „Живеам за Србија“, е приведена вчера во Белград, под сомнение дека сторила кривично дело предизвикување паника и нереди. Вчера беше спроведена полициска акција против антиваксери и приведени се вкупно пет лица. Највлијателни во ова српско движење се докторите, а на 20 март беше одржан протест за укинување на рестриктивните мерки во Србија. („Блиц“)

Загреб – Во Хрватска од вчера стапи во сила нова мерка за преминување на границите, што подразбира задолжително поседување негативен тест, сертификат за вакцинација, вклучувајќи и со руски и кинески вакцини или потврда за прележана инфекција. Мерката за влез во Хрватска ќе важи следните 180 дена. Со оглед на претстојните велигденски празници, донесена е задолжителна мерка за носење маски во затворени простории и надвор, каде што се очекува поголем проток на луѓе, без оглед на препорачаната физичка дистанца. („Вечерњи лист“)

Љубљана – Словенија влезе во својата трета блокада за нешто повеќе од една година, која ќе трае до 11 април. Исклучок е времето на велигденските празници, кога членови на две домаќинства ќе можат да се посетуваат едни со други. Училиштата повторно ќе се префрлат на онлајн настава, додека градинките ќе обезбедат грижа само за децата чии родители работат во сектори од клучно значење. Маските за лице повторно ќе бидат задолжителни на отворено, освен за време на рекреација во природа. (СТА)


Бисер балкански

Проблематична екоевропска свест

– Овој извештај е сменет во однос на почетниот текст, со различни амандмани е додадено сето тоа што некој посакал. Меѓу другото, се изразува загриженост за состојбата на животна средина во Бор, Смедерево и Колубара, каде што се посочува дека работат кинеските компании! Значи, европратениците не се загрижени со состојбата за животна средина во Белград или во Чачак, ама се загрижени таму каде што се Кинезите. Не им е намерата за заштита на животната средина, туку негативното влијание на Кина, и сево ова е политички мотивирано, што е и разбирливо поради глобалните геополитички односи. Затоа, не можам да кажам дека ова е реално согледување на состојбата внатре во Европскиот парламент – изјави Ивица Дачиќ, претседател на српското собрание, за извештајот на Европскиот парламент, за кој смета дека има изнесено низа проблематични политички оцени за Србија.