Софија – Партијата Има таков народ, на шоуменот Слави Трифонов, и официјално потврди дека ќе предложи состав за нова влада на Бугарија. Мандатарот Пламен Николов требаше да му го врачи предлогот на претседателот Румен Радев до вчера попладне. Седницата на националното собрание на која ќе се гласа, како што пишуваат бугарските медиуми, ќе се одржи во текот на наредната недела. Додека од преостанатите две партии што произлегоа од протестите заедно со ИТН, Демократска Бугарија и Исправи се, засега нема потврда дека ќе ја поддржат предложената влада, се чини дека партијата на Трифонов е блиску до договор со третиот потенцијален партнер, Бугарската социјалистичка партија. („360 степени“)

Тирана – Амбасадата на САД во Тирана реагираше на изјавата на поранешниот албански премиер Сали Бериша дека поднел тужба против американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Позицијата на САД е јасна и непроменета. Ќе ги искористиме сите расположливи инструменти за справување со корупцијата и неказнивоста – се наведува во реакцијата на Амбасадата.
Бериша соопшти дека тужбата е поднесена во негово име од адвокат во Париз, кого го ангажирал откако Блинкен одлучил да го прогласи за персона нон грата, обвинувајќи дека зад сѐ стојат Џорџ Сорос и Еди Рама со „нивните дезинформации“. („Република“)


Бисер балкански

Поглед на Страдун за 300 куни

– Ќе почнат ли да прашуваат дали си од Германија, Америка или Австрија, па ако си, може да седнеш, а другите не може. Да не даде господ да си Романец или Чех. Тогаш домашниот гостин е подобар. Навистина смешно – вели една дубровчанка за воведувањето правило во едно кафуле во стариот дел на Дубровник, во кое гостите се предупредуваат дека треба да потрошат минимум 300 куни (околу 40 евра) за да добијат слободна маса во периодот по 21 часот.
Сите слободни маси на овој ресторан на улицата Страдун биле со ознаката „резервирано“. Нејзиното четиричлено друштво било предупредено од келнерката дека мора да направи сметка над 300 куни. Веднаш по нив, масата била ослободена за четворица странски туристи. Во други угостителски објекти може да се резервира за вечера само за време од два часа.
Сопственикот на угостителскиот објект на забелешката на нивната сограѓанка вели дека принципот на резервации е деловна одлука на приватниот локал.
– Не можете со два сока да седите на маса и три часа да гледате кој поминува на Страдун – изјавил сопственикот, пренесува „Јутарњи лист“.