Софија – Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, смета дека единствената опција за формирање влада, но со краток период на дејствување, е партијата Има таков народ на Слави Трифонов. Според Плевнелиев, Демократска Бугарија не може да формира влада затоа што оттаму се загрижени за она што го гледаат во Исправи се! Мафијата надвор! и Има таков народ.
– Оваа влада ќе работи кратко време до септември, а наесен во Бугарија ќе има предвремени парламентарни и претседателски избори. Почнувајќи од денеска, политичката состојба во Бугарија е поинаква, откако БСП го призна Румен Радев за свој кандидат за претседателските избори. Силниот човек во земјата е веќе претседателот Радев – вели Плевнелиев. („Нова њуз“)

Белград – Србија имала 3,015 милијарди странски директни инвестиции во 2020 година, а Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија сите заедно имале 1,7 милијарда евра во истиот период, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Имаме речиси двојно повеќе од овие четири земји заедно. Некој ќе рече, добро, ние сме поголеми. Па, ние сме двојно поголеми од БиХ, но затоа додајте ја Македонија, па дури и Албанија и Црна Гора, па ќе видите дека сме четири милиони помалку, а имаме двојно повеќе странски директни инвестиции – рекол Вучиќ („Б92“)

Сараево – Во саботата во Сараево беа одржани нови протести под мотото „Борба за живот“, на кои беше побарана оставка од Советот на министрите и Владата на Федерацијата на БиХ, за кои граѓаните сметаат дека се виновни за доцнењето на набавката на вакцини против коронавирусот. Протестантите побараа и воведување задолжителен ПЦР-тест за влез во БиХ. („Аваз“)


Бисер балкански

Омразата не е смешна

– Ние преку ова видео го деконструиравме тоа што е важно, а тоа е дека говорот на омраза не може да биде смешен, забавен, шармантен. А нам тоа и ни стана. Мислам дека тоа што луѓето го забележаа е искреноста и дека немало калкулации – вели Александар Трифуновиќ, уредник на магазинот „Бука“ од Бања Лука, кој во разговор за Радио Слободна Европа зборува за инспирацијата за изработка на спотот и химната на поранешна Социјалистичка Федеративна Југославија „Хеј Словени“.
– Со додавањето на буквата Т, тоа „хејт“ во „Хеј Словени“, всушност, нагласивме во што се претворивме по распадот на Југославија – објаснува Трифуновиќ.
Спотот е дел од кампањата против говорот на омразата и за неколку дена го виделе над пет милиони лица од целиот регион.