Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама е во дводневна посета на Република Турција, каде што се сретнал со претседателот Реџеп Таип Ердоган.Целта на посетата на Анкара, според него, е унапредување на „билатералната соработка меѓу министерствата, за напредокот на заедничките проекти“. (СП)
Белград – Од вчера сите граѓани на Босна и Херцеговина можат бесплатно да се вакцинираат против коронавирусот на територијата на Србија.
– Имаме доволно вакцини за целиот регион, затоа ги поканувам сите граѓани од регионот да се вакцинираат во Србија – рече Вучиќ по состанокот со делегацијата на Република Српска во Белград. (РТС)
Софија – Вашингтон ја предупреди Софија веднаш да го расчисти хаосот со нелегалното и корупциско издавање на пасошите или, во спротивно, на бугарските граѓани и натаму ќе им биде потребна виза за влегување во САД. Американците инсистираат бугарските пасоши да не им се даваат на лица што се закана за внатрешната безбедност на САД.
Бугарската преодна влада за неколку дена треба да достави гаранции до САД дека навистина ќе има промени во процесот на издавање пасоши. Бугарија, Кипар, Романија, и Хрватска се единствени земји во ЕУ што имаат визен режим со САД, но Вашингтон веќе вети дека Загреб и Букурешт ќе бидат ослободени од визи. („Еурактив“)
Бисер балкански
Одземени полициски возила
Црногорската полиција остана без 130 автомобили поради неплатен лизинг, кои се купени во 2018 година, а поради неусвојувањето на државниот буџет.
– Се доведува во прашање одвивањето на редовните активности, кои се значајни за сите граѓани на Црна Гора. Некои од нив се однесуваат и на исполнување на обврските на патот кон Европската Унија, а тоа е борбата против организираниот криминал и корупција – соопштуваат од Министерството за внатрешни работи на ЦГ.
Како што пренесува РТЦГ, поради неисплатувањето на буџетски средства се одложуваат многу други работи, а има тешкотии и во одржувањето на информацискиот систем за издавање лични документи.