Атина – Во Атина беше одржана воена парада по повод 200 години од востанието на независноста на Грција, која се одржа во присуство на високи гости, но и без публика поради пандемијата. На дводневните свечености во Грција, по повод јубилејот, покрај грчкиот државен врв, присуствуваат и претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија, Михаил Мишустин, и министерката за одбрана на Франција, Флоренс Парли. На атинското небо летаа американски, грчки и француски воени авиони и хеликоптери. (МИА)

Сараево – Во Босна и Херцеговина вчера пристигнаа 23.400 дози од вакцината против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“, со што таа стана прва земја во регионот што добила вакцини преку меѓународниот механизам „Ковакс“. БиХ нарача 1,23 милион дози преку овој механизам, за што плати 13 милиони долари и во наредниот период очекува да добие 26.000 вакцини на „Астра Зенека“.(„Ослобоѓење“)

Белград – Рускиот фонд за директни инвестиции и српскиот институт „Торлак“ договорија производство на вакцината против коронавирусот „Спутник V“ во Србија. Процесот на производство би можел да биде воспоставен во мај. На тој начин Србија ќе биде првата земја во Јужна Европа што ќе произведува „Спутник V“. (ТАСС)


Бисер балкански

Кравите поважни од интернетот!

– Од 2007 година, Хрватска изгуби 250.000 жители, а бројот на пензионери порасна за половина милион. На дело е значајна депопулација. Многу иселеници може да се попишат преку интернет како фиктивни жители на Хрватска. Во пописните листи има прашање дали имаме крава, но не и дали имаме пристап до интернет – изјави Нино Распудиќ, пратеник од партијата Мост, во собраниската дебата за предлогот за одложување на пописот за септември годинава, поради влошената епидемиолошка состојба во земјата поради пандемијата на коронавирусот.
Државниот секретар Стјепан Чурај даде објаснување дека станува збор за методолошки пристап за спроведување на пописот, а со прашањето за кравите се прави разлика меѓу рурални и урбани краишта, а прашањето за пристапот на интернет е помалку релевантно, бидејќи состојбата брзо се менува.