Софија – Некои од рестораните во Бугарија ги бојкотираа новите ограничувања што ги воведоа властите против ширење на коронавирусот. По воведувањето на рестриктивните мерки, протести на сопствениците на ресторани се одржаа во повеќе градови во Бугарија. Ресторанот во сопственост на претседателот на Бугарската асоцијација на ресторани, Ричард Алибегов, работел и по 23 часот. Рестораните околу него беа исто така отворени. („24 часа“)

Белград – Во новиот бран на коронавирусот во Србија има над 5.000 нови инфекции дневно, 23 смртни случаи и зголемување на бројот на хоспитализирани лица, а здравствените власти навестуваат нови епидемиолошки мерки.
Државниот секретар во српското министерство за здравство, Мирсад Џерлек, најави дека Кризниот штаб наскоро ќе ѝ предложи на Владата две нови мерки за борба против пандемијата на коронавирусот – воведување ковид-пропусници и намалување на бројот на луѓе на собирите. (РТС)

Сараево – Обвинителите во Босна и Херцеговина ја обвинија 61-годишната Сена Хамзабеговиќ за финансирање на терористичката група Исламска држава со околу 120 илјади евра, при што и лично им носела пари на борците во Сирија. Истрагата утврди дека од 2013 до 2018 година, таа уплаќала преку банка и лично носела пари во Сирија, каде што му ги предавала на нејзиниот сопруг Мурадиф Хамзабеговиќ, кој ги искористил овие средства за да им плати на припадниците на ИД со потекло од БиХ и да им купи оружје.
Хамзабеговиќ, која има и швајцарско државјанство, беше уапсена во мај на аеродромот во Тузла и е во притвор. („Аваз“)


Бисер балкански

Копале криптовалути во музеј

Во Општина Ивањица, Србија, е откриена невообичаена кражба на струја за копање криптовалути. Опремата била сместена во подрумските простории на една куќа, која служи како музеј на четничкиот војвода Драгољуб Дража Михаиловиќ. За неовластеното приклучување на електричната мрежа се осомничени тројца мажи, кои поставиле опрема за копање криптовалути и така потрошиле 55.000 киловат-часа струја.
Иван Мојсиловиќ, помошник-претседателот на Општина Ивањица е човекот што прв ја открил опремата во Домот на Дража, кога наредил да се отвори насилно вратата на куќата. Претходно овластени лица од општината не успеале трипати да ја отклучат вратата со погрешен клуч, што им бил даден од домарот. Кога отвориле, во подрумот било многу топло и постоело опасност да се запали објектот, пишува белградска „Политика“.