Сараево – Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, бара сведоците во постапките поврзани со злосторствата извршени за време на војните во 90-тите години на минатиот век, во поранешна Југославија, ефикасно да бидат заштитени и поддржани.
– Недостигот од ефективна заштита одврати многу сведоци да не се појават и да даваат непроценливи сведоштва за воените злосторства и можните места на масовни гробници. Многу заштитени сведоци самите се жртви на воени злосторства и живеат во истите заедници со насилниците. Во некои случаи кога беа обелоденети имињата на сведоците, нивните животи беа загрозени и им се закануваа на нивните семејства, а некои сведоци беа исфрлени од сопствените заедници поради нивните сведочења – додава комесарката за човекови права. („24 часа“)

Загреб – Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 232 новозаболени лица и четири починати пациенти, објави Националниот штаб за цивилна заштита. Бројот на активни случаи во Хрватска е 1.200. Од почетокот на епидемијата во Хрватска се заразени 15.572 лица, од кои 261 починаа. Вкупно закрепнаа 14.111 лица.

 


Бисер балкански

Коалиција и пред Господ

– Можеби вие сте се навикнале да се договарате во хотелите „Сплендид“, „Хилтон“ или „Рамалди“… Јас не сум и никогаш нема да се навикнам. Без разлика дали е во прашање Острог, катедралата „Свети Трифун“ или џамија, секогаш сум подготвен да разговарам на тие места кога е во прашање донесувањето важни одлуки. Со луѓето, со верските великодостојници, политичари, бизнисмени ќе разговарам на секое место каде што сметам дека треба се направи важен разговор. Немам комплекс од кого било и што било, затоа што ја бранам граѓанската Црна Гора – изјави Дритан Абазовиќ, лидер на коалицијата „Црно на бело“, која е дел од новото парламентарно мнозинство во парламентот на Црна Гора, кој одговори на критиките за договорот за формирање на новата влада, на состанокот на кој биле присутни и митрополитот Амфилохиј и владиката Јоанакиј, во манастирскиот комплекс Острог.