Сараево – Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата на БиХ ја усвои декларацијата за заштита на реките, со која целосно се забранува изградба на мали хидроцентрали во земјата. Заклучокот, кој вчера беше усвоен во Претставничкиот дом, е заснован на заклучоците и препораките во декларацијата за заштита на реките во Западен Балкан, што произлезе како реакција на еколошките здруженија за штетите за локалната заедница и за животната средина од изградбата на мини-централи. (Н1)
Загреб – Градските власти во Загреб планираат да воведат задолжително носење маски во јавниот превоз, во трговските и угостителските објекти, по големиот скок на бројот на новозаразени од коронавирусот. Неносењето маски во јавниот превоз нема да се казнува, но лицето што нема заштита нема да може да влезе во трамвај или во автобус. („Дневник“)
Подгорица – Претставниците на земјите од ЕУ во работната група за проширување го поддржаа предлогот за отворање на последното неотворено поглавје за преговори со Црна Гора, со што се деблокираат преговорите за пристапување на Црна Гора за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ. Овие преговори мируваа уште од декември 2018 година, кога беа отворени 31 од вкупно 32 поглавја за преговори. Одлуката е за отворање на поглавјето 8, што се однесува на конкуренцијата. (РТЦГ)
Бисер балкански
Кластер самослик
– Најчесто се јавуваат оние што направиле самослик со тенисерите и прашуваат дали треба да бидат во самоизолација или да се тестираат. Моментот додека трае снимањето самослик, а во Задар тие денови се снимале илјада лица, од епидемиолошки аспект не може да се смета за причина за тестирање ни за самоизолација, затоа што можноста да се заразиме на тој начин е минимална – рече Алан Медица, раководител на Заводот за јавно здравје во Задар.
Првиот ден по прекинувањето на тенискиот турнир поради коронавирусот биле отворени четири линии, а имало повеќе од 600 повици. Паниката се зголемувала кога ќе се објавела вест дека некој од тенисерите е позитивен, доколку претходно во негова близина биле и некои од посетителите.
Во последните три дена во овој завод се тестирале 164 лица, од нив четворица биле позитивни на ковид-19.