Белград – Епидемиологот Предраг Кон изјави дека 21 јуни, денот по кој треба да се дозволат поголемите собири на фестивали и прослави во Србија, не е фиксен. Кон изјави дека овој датум е „наметнат од индустријата за организирање настани“ и може да се помести во зависност од епидемиолошките услови.
– Неопходно е 50 отсто од населението да ги прими и двете дози на вакцина и да поминат најмалку две недели по втората доза – изјави Кон, кој е член на Кризниот штаб за сузбивање на ширењето на коронавирусот. („Данас“)

Софија – Бугарија ќе добие меѓу 50 и 250 милиони евра во рамките на иницијативата „Три мориња“, со што ќе се финансираат бугарски проекти во областа на транспортот, енергијата и дигиталното поврзување. Пред три години, три бугарски проекти беа одобрени од Иницијативата како приоритетни – проширување на подземното складиште на гас во Кирен, реновирање на железничката линија Русе – Варна и изградба на тунел под Стара Планина, кај преминот Петрохан. („24 часа“)

Тирана – Додека парламентарната анкетна комисија, под раководство на Мислим Муризи работи под полна пареа, во испитувањето на прекршувањата на уставни надлежности од страна на шефот на државата, Илир Мета, тој испрати писмо до парламентот во кое оваа постапка ја оценува како одмазда и бара итно прекинување на истрагата. Во него, меѓу другото, Мета го споменува фактот дека „ова Собрание нема опозиција што го прави нелегитимно за водење истражни активности“. („Алсат“)


Бисер балкански

Извинување за учебници

– Многу е важно тоа што се случи денеска. Тоа ќе влезе во учебниците. Да знаев дека Милош Земан ќе го каже тоа, ќе се подготвев подобро. Тоа е историска работа за нас и ќе остане запаметено дека еден претседател во текот на мандатот се извини за бомбардирањето – изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија, за извинувањето што го кажа чешкиот претседател за бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Претседателот на Чешка, по средбата со Вучиќ во Прага, објави текст во кој му се извинува на српскиот народ и ги објаснува мотивите за својот потег. Тој објаснува дека Чешка, која била само неколку недели членка во НАТО, барала барем една земја да ја поддржи во одлуката да не се бомбардира тогашна Југославија.
– Со ова извинување и барање простување се ослободив од долгогодишната траума, бидејќи покајанието ослободува и, како што рекле Латините, дикси ет салвави анимам меам, „реков и ја спасив душата“ – изјави Земан.