Софија – Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ќе му даде мандат за состав на нова влада на кандидатот за премиер од втората по бројност парламентарна група – Има таков народ. Партијата на Слави Трифонов претходно соопшти дека нивни кандидат е Антоанета Стефанова, која ќе го врати мандатот за состав на влада на Бугарија. Според нив, таа ќе го направи тоа веднаш без да се чекаат седум дена на кои има право. Според бугарскиот устав, Радев потоа не е должен да се води од бројноста на партијата во парламентот за давање мандат за состав на влада. („24 часа“)
Љубљана – Словенија ги отстранува пограничните контролни пунктови кон Австрија и Италија, но остануваат кон Унгарија. Во Словенија од денеска ќе се признаваат резултати од ПЦР-тестови што се направени во Австралија, на Нов Зеланд, во Канада, Израел и Русија. Досега се признаваа само резултатите од ПЦР-тестовите што се направени во земјите од ЕУ, државите надвор од шенген-зоната и во Велика Британија. („21 ТВ“)
Брисел – Европскиот парламент му го укина имунитетот на грчкиот пратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија Златна зора, кој беше осуден во Атина на 13 години и осум месеци затвор за „управување со криминална организација“. Одлуката е донесена со големо мнозинство гласови, 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот на тајно гласање, 25 беа против, а 10 беа воздржани. („Независен“)
Бисер балкански
Затвореници штрајкуваат за интернет
– Што се однесува до интернет, тоа е малку потешко. Сепак, ова е затвор, интернетот не е достапен во ќелиите, тоа не доаѓа предвид. Никој овде не дошол доброволно, овде луѓето имаат пресуди, тоа е целосно поинаков живот во однос на животот надвор. Затворениците секогаш ќе се жалат за нешто бидејќи се затворени – изјави Синиша Перковиќ, директор на затворот во Босна и Херцеговина, за штрајкот на група затвореници во т.н. „БХ Алкатраз“, кои се жалат на храната и за тоа што немаат телевизор во секоја ќелија и не можат да имаат телефонски контакти со семејствата и со адвокатите.
Затворениците се вселија во најмодерниот затворски комплекс на Балканот, а во него затворениците се главно во еднокреветни ќелии, во околу 80 отсто од нив има телевизор, а може да користат дневен печат во заедничките простории, пишуваат медиумите во регионот.