Тирана – Јавниот долг на Албанија е зголемен во првото тримесечје од годинава, во екот на изборната кампања. Според податоци на Министерството за финансии, во извештајниот период јавниот долг се зголемил за 45,7 милијарди леки или околу 372 милиони евра. Тоа претставува највисок раст за толку кус период на јавниот долг и е околу 41 отсто од растот на долгот во 2020 година, кога се зголемил за 112 милијарди леки споредено со претходната, 2019 година. („Монитор“)

Загреб – Државата Хрватска ќе се жали на одлуката на Управниот суд, според која истополовите партнери имаат право да посвојуваат деца, објави хрватското министерство за труд, семејство и социјална политика. Министерството за труд, семејство и социјална политика ќе поднесе жалба на одлуката на Управниот суд, со која се поништи одлуката на тој оддел, затоа што на животните партнери Иво Шегота и Младен Кочиќ не им е објаснето зошто не е во интерес на децата ним да им се даде статус на посвоители. („Вечерњи“)

Белград – Претседателот на Чешка, Милош Земан, кажа дека и понатаму верува дека признавањето на независноста на Косово е грешка.
– По многу години бавење со политика, познат сум како личност што е доследна во своите ставови. И понатаму верувам дека признавањето на независно Косово е грешка, а тоа го напоменав и за време на својата посета на Белград во септември 2019 година – објасни чешкиот претседател, кој ќе оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ. (Б92)


Бисер балкански

За чист воздух 24/7

Лед-екран со информации за квалитетот на воздухот е поставен на почетокот на централниот плоштад во Смедерево. Во текот на зимските месеци, Смедерево е меѓу најзагадените градови во Србија. Тоа беше и поводот за активистите од организацијата „Црвени беџеви“ да ја почнат иницијативата за собирање средства за набавка на екранот, кој во секое време ќе покажува каков воздух дишат граѓаните. На почетокот, од градската власт не ја поддржуваа оваа иницијатива. За седум дена градските екологисти собраа 480 илјади динари. Семафорот за загадување ги прикажува вредностите на квалитетот на воздухот на секој час. Екранот е поврзан со републичкиот мерач на квалитетот на воздухот.
Минатата година во ноември беше предадена Декларација за чист воздух во Смедерево, со барање да се постави ваков семафор. Градската власт одби да учествува во оваа иницијатива, па граѓаните донираа парични износи од 300 до 20.000 динари, а беше добиена и донација за бесплатна изработка на софтверот, пишува „Политика“.