Сараево – Жените во Босна и Херцеговина сѐ почесто одлучуваат да станат мајки по 30-годишна возраст, покажуваат податоците на Агенцијата за статистика на БиХ. Во следните години најмногубројни ќе бидат жените што раѓаат деца во старосниот период од 30 до 34 години. Просекот на староста на мајките што првпат раѓаат е поголем од 27 години. Во 2010 година овој просек изнесуваше 24 години. („Кликс“)

Загреб – Агенцијата „Фич“ очекува хрватската економија годинава да падне за рекордни девет проценти, бидејќи вториот бран на пандемијата на коронавирусот тешко ги погоди извозот на услуги и потрошувачката на домаќинствата. Агенцијата потврди дека кредитниот рејтинг на Хрватска за инвестиции е БББ-. („Пословни“)

Тирана – Земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала ја погоди Албанија, а земјотресот се почувствувал и во Црна Гора. Земјотресот е регистриран вчера, во 7.19 часот, со епицентар на 28 километри северно од Драч, Албанија. Епицентарот бил на длабочина од 16 километри. (РТЦГ)


Бисер балкански

Дисфункционални соседи

– Загреб и Белград ја влошуваат состојбата. Мора да разберат дека дисфункционални соседи не се во нивни интерес. Не е ниту исламска република во срцето на Босна, која би била една од можните последици на хипотетичкото отцепување на Република Српска. По тој пат би тргнала и Херцег-Босна. Дисфункционалната Босна и Херцеговина е премногу скапа, од финансиски и од аспект на реномето на Западот, кој нималку не профитира од влошување на состојбата. Неуспехот на државата БиХ би значел и крај на напорите на НАТО да ја заштити чувствителната на муслиманската популација, со јакнењето на сецесионизмот што го поддржува Русија, не само на Балканот туку и во Украина, Молдавија, Грузија… – изјави американскиот професор Даниел Сервер во разговор за Ал џезира, кој ја објаснува улогата на Хрватска и Србија на внатрешните случувања во Босна и Херцеговина.