Белград – Членот на Државниот кризен штаб за борба против пандемијата, Предраг Кон, укажа на алармантниот факт во Србија дека дури 57 проценти од заразените не знаат каде се заразиле, што автоматски покажува дека вирусот циркулира, а постои и посебна опасност од инфекција во јавниот превоз и во другите затворени простори. Тој предупреди дека претстојат испити, матурски вечери и други прослави, кои се ризични собири. („ТВ Пинк“)

Балкан – Невработеноста и последиците врз економиите предизвикани од корона-кризата најмногу ги загрижува земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Според истражувањето на „Балкански барометар“, проблем е и иселувањето на квалификуваната работна сила, а тоа што 71 отсто од младите размислуваат да заминат на работа во странство е застрашувачка состојба. Поради големиот процент невработеност во регионот, граѓаните повеќе се плашат да не останат без работа, отколку да се заразат со вирусот. Дури 20 отсто од граѓаните на земјите од регионот сметаат дека одливот на мозоци е еден од главните проблеми на нивните држави, покажуваат податоците од истражувањето „Балкански барометар 2020“, Истражувањето ги опфаќа шесте држави од Западен Балкан: Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. („Независен“)


Бисер балкански

Двојно корона-книговодство

– Дали членовите на Кризниот штаб се жртва на организиран заговор? Или некој се осмелил да манипулира со телото што го водат премиерката и претседателот на државата? Или политичарите во штабот воделе „двојно книговодство“ и ги збунувале стручњаците? Што би се случило кога Врховниот штаб би го лажел Коча Поповиќ дека во пробивот на Зеленгора на левото крило има само непријателска чета, а го чека засилен војнички полк? Кој би бил интересот на раководството да ја уништи елитната Прва пролетерска бригада? Никаков, секако, освен ако некој од АВНОЈ не се подготвувал да избира нов врховен командант. Ако се утврди дека тие од Кризниот штаб биле влечени за нос, се надевам веќе испратиле до медиумите изрази за своето огорчување, со неотповикливи оставки. Што и да е вистина, ние остануваме повторно и сурово предадени – рече епидемиологот Зоран Радовановиќ, за истражувањето на БИРН, со кое се открива дека има различни податоци за бројот на починатите од коронавирусот од официјално објавениот број на жртви од епидемијата во Србија.