Тирана – Поради пандемијата на ковид-19, државната каса на Албанија е попразна за 310 милиони евра за период од 11 месеци. Најголем пад е забележан во ставката персонален данок на доход со околу 12,4 милијарди леки, потоа кај данокот на добивка со пад од 7,9 милијарди леки заради одложувањето на плаќањето како мерка на поддршка за надминување на кризата. („Алсат“)
Загреб – Во последните 24 часа во Хрватска починаа 92 лица, со што е соборен апсолутен рекорд од почетокот на пандемијата. Просечната возраст на починатите е 78,9 години, а најмладата личност меѓу нив имала 47 години, но таа страдала и од малигна болест. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ најави нови мерки oд 21 декември. („Индекс“)
Сараево – Во Босна и Херцеговина се спроведува акција со кодно име „Вулф“. Акцијата има цел откривање и гонење лица осомничени за нелегална трговија со големи количества акцизни производи. Во акцијата координирана од обвинителот на Специјалното одделение за организиран криминал се вклучени повеќе од 250 полицајци. Ова е една од најсеопфатните активности во борбата против недозволена трговија со акцизни производи. („Аваз“)
Бисер балкански
Гордост за еден ден
– Политичарите што ја донеле таа одлука веројатно не ги изразуваат интересите на мнозинството свои избирачи туку на надворешните сили, кои не само што не се заинтересирани за развој на руско-босанските и руско-српските односи туку ни за тоа земјите на Западен Балкан да го остварат правото на заемно корисна соработка со сите надворешни партнери. Овој инцидент не е важен за ставот на Русија во развојот на односите со народите на БиХ – изјави Сергеј Лавров, шефот на руската дипломатија, за одлуката на членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, кои во вторникот одбија да се сретнат при посетата на Лавров на Сараево.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по истиот повод рече дека „убаво е да се искаже гордост на еден ден, но што од утре“ и јавно праша „што од тоа добија граѓаните на БиХ.“