Белград – Трговските центри во Србија од вчера можат повторно да работат од 6 до 22 часот, освен угостителските објекти во нив, на кои им е дозволена само шалтерска продажба на храна и пијалаци. Во наредбата на министерот за здравство Златибор Лончар, објавена вчера во „Службен весник“, се вели дека на влезот во трговските центри ќе мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе што може да бидат во него, со обврска посетителите да носат заштитни маски. („Новости“)
Бугарија – На меѓународниот ден на авијацијата и космонаутиката, началникот на одбраната на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, соопшти дека НАТО треба да гради вселенски центар, а амбиција на Бугарија е да има свои претставници во него. Началникот на бугарската одбрана коментира дека се вложуваат големи надежи за прифаќање и усвојување на авионите „Ф-16 блок 70“, со кои бугарската авијација всушност ќе влезе подготвена во 21 век. Бугарија досега имала двајца свои космонаути, Георги Иванов и Александар Александров, кои летале во 1979, односно 1988 година. (МИА)
Атина – Иницијативата „Златен премин“, која им овозможува на вакцинираните туристи слободно да влегуваат во Грција, објавена за средината на април, е доведена во прашање поради лошата епидемиолошка состојба во таа медитеранска земја. Израелски вакцинирани туристи може да одат во Грција од 3 април, но сè уште не е познато кога и другите земји вклучени во пилот-проектот за отворање на границите, вклучувајќи ја и Македонија, ќе можат да го сторат тоа. Грција ја продолжи ригорозната блокада до 19 април. („Грчки репортер“)
Бисер балкански
Гласини за мирно раздружување!
– Да, вистина е! Меѓу другото праша и за мирно раздружување. Испративме и нонпејпер, но не само поради тоа – изјави Жељко Комшиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој потврди дека претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, при посетата на Сараево, изјавил дека во последно време „сѐ почести се гласините во Европа за тоа дека треба да се доврши распадот на Југославија“. Прашањето на Пахор до тричленото претседателство гласело: „Можете ли вие во БиХ мирно да се разделите?“
Комшиќ и Шефик Џаферовиќ се изјасниле дека мирно раздружување не е возможно, додека претседавачот Милорадик изнел спротивен став.