Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека покрај најавените 60 евра, сите оние граѓани што се вакцинирани ќе добијат дополнителна финансиска помош од државата од 3.000 динари (26 евра).
– Се консултирав со премиерката и оценивме да не можеме да донесеме насилни одлуки во врска со вакцинацијата. Размислувавме како да ги наградиме луѓето што покажаа одговорност. Донесовме одлука да им дадеме дополнителна финансиска помош на луѓето што се вакцинирани – изјави Вучиќ. (ТВ Пинк)
Загреб – По одлуката на Управниот суд во Загреб, хомосексуалните партнери, исто така, имаат право на процена за посвојување деца. Здружението „Семејства на виножитото“ официјално потврди дека партнерите од ист пол имаат пристап до постапката. Управниот суд во Загреб донесе пресуда за случајот со Младен Кочиќ и Иво Шегота дека не смеат да бидат дискриминирани во постапката за процена за посвојување затоа што склучиле животно партнерство. („Индекс“)
Атина – Околу 90 пациенти заразени со ковид-19, пет дена ќе го примаат новиот израелски лек за терапија на коронавирусот во рамките на клиничките испитувања што започнаа во две атински болници. Директорката на клиниката за пулмологија во болницата „Сотириа“, Мина Гага, објасни дека лекот се прима со инхалација, во клиничките испитувања учествуваат пациенти во блага или средна состојба, на возраст од 18 до 80 години, за да се испита дали лекот може да спречи влошување на здравјето. („Мега“)
Бисер балкански
Враќање на неврзаните
– Конференцијата на Движењето на неврзаните земји во октомври ќе биде шанса за Белград да ја потврди својата важна улога на мапата на светската дипломатија. Ова движење денес обединува речиси две третини од државите членки на ОН, некои од нив се со растечка моќ и економија, а две се членки на БРИКС – Индија и Јужна Африка. Кина е редовен набљудувач во Движењето на неврзаните. Тоа е наследство од позитивен карактер, кое многу значи за афирмација на Србија на глобално ниво – вели Немања Старовиќ, државен секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, за идејата во Белград да биде домаќин на состанокот на претставници од неврзаните земји, по повод 60-годишнината од формирањето на „сојузот“ на неврзани земји.
Во оваа меѓународна организација членуваат 120 земји, а Србија е една од 25-те земји набљудувачи. Официјален Белград смета дека негувањето блиски односи со Движењето на неврзаните е од големо значење, поради тоа што првиот од петте основни принципи на неврзаните земји е почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, пишува „Политика“.