Белград – Во зградата на Европската служба за надворешни работи во Брисел се одржа нова рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина на ниво на експерти. Претседателот на кабинетот за Косово на Владата на Србија и шефот на белградската делегација во дијалогот со Приштина, Петар Петковиќ, претходно се состана со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ), Мирослав Лајчак. Сите страни пред средбата изјавија дека е важно да се продолжи да се разговара бидејќи тоа е многу подобро отколку да нема разговор.
Букурешт – Земјотрес со интензитет од 4,4 степени според Рихтеровата скала завчера пред полноќ е регистриран во Романија, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар. Епицентарот на земјотресот бил на пет километри југоисточно од градот Негрешти, на длабочина од два километра. Нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета.
Атина – Градот Солун влезе во црвената зона, кажа синоќа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој вчера ќе ги објави вонредните мерки во борбата против вториот бран на епидемијата на ковид-19, кои ќе бидат во сила најмалку еден месец. Во Солун се затвораат рестораните и кафулињата, а спортските и културните настани се откажуваат.
Бисер балкански
д-р Бранимир Несторовиќ – пулмолог
Вистината за ковид-19 ќе се појави, тоа е апсолутно политичка работа
Д-р Бранимир Несторовиќ поранешен член на Кризниот штаб на Србија изјави дека му досадило да биде „црна овца“, но тоа не значи дека престанал да се интересира за коронавирусот. Српскиот доктор, кој на неколкупати досега ја брануваше српската јавност со неговите изјави, последно рече дека вистината за коронавирусот наскоро ќе се појави, тоа е, според него, апсолутно политичка работа.
– Дали видовте што рече Трамп, „кога ќе бидам повторно избран, нема да има повеќе корона“ – вели д-р Бранимир Несторовиќ.