Приштина – Од 20 август косовските граѓани ќе мора да имаат примено барем прва доза вакцина против ковид-19 доколку сакаат да одат во трговски центри и ноќни клубови или на семејни забави. На состанок со министерот за здравство Арбен Вита е донесена одлука и за задолжително вакцинирање на вработените во угостителско-туристичкиот сектор, кои обврската мора да ја исполнат до 12 август, се вели во соопштението.
На состанокот било дискутирано и за продолжување на работното време на ноќните клубови до три часот по полноќ. Моментално клубовите работат до 23 часот.
(„Фронтлајн“)
Тирана – Според извештајот што неодамна го објави Евростат, само во текот на 2020 година, 12.200 деца под 15-годишна возраст ја напуштиле Албанија и заминале во земјите од ЕУ.
За социологот Ентела Бињаку, бројките во овој документ се повеќе од вознемирувачка појава. Според неа, родителите се главната причина за заминување на децата, бидејќи не гледаат перспектива за младите во Албанија.
– Причините првенствено се поврзани со перспективата што родителите на малолетниците ја гледаат надвор од Албанија и несигурноста што ја чувствуваат родителите на овие малолетници за нивната иднина во нашата земја. Барам од родителите да покажат поголема одговорност, внимателност и грижа – изјави таа. („Ора њуз“)
Бисер балкански
Бреговиќ, фестивал на пиво, „Калашников“…
Граѓани на Корча протестираат на социјалните мрежи поради учеството на српскиот пејач Горан Бреговиќ на фестивалот на пивото во овој албански град. Концертот е закажан за 22 август, пред православната црква во Корча. Организаторот на концертот, односно Општина Корча нема намера да ја смени својата одлука за настапот на Бреговиќ.
– Ги повикуваме сите интелектуалци, граѓани од сите етнички земји да бидат присутни, да го спречат српскиот пејач, антиалбанскиот лобист Горан Бреговиќ. Протестот ќе биде мирен и тивок – објави еден од организаторите на протестот.
Бреговиќ одржал концерт во Тирана во 2006 година, а во таа пригода ги добил „Клучевите на Тирана“ од тогашниот градоначалник на албанската престолнина, а сега премиер Еди Рама.
Заменик-градоначалничката на Корча, Бенилија Терова, изјави дека Горан Бреговиќ е добредојден на фестивалот, а и тој веќе го потврдил учеството на последниот ден од оваа манифестација, на 22 август.
На коментарите дека песната „Калашников“, која им служела на српските паравоени формации како „инспирација за злосторствата на Косово“, Терова вели дека таа настанала пред војната и немаат намера да го повлечат Бреговиќ од фестивалот на пивото, пренесе „Данас“.